ЏУДО
- Очекувам нашите џудисти да го дадат максимумот и да прикажат добри борби, вели тренерот Игор Паскоски
Во Подгорица (Црна Гора) од вчера до недела се одржува Европското првенство (ЕП) во џудо за јуниори (до 21 година), каде што Македонија има двајца претставници, Ива Богдановска (во тежинската категорија до 63 кг) од скопскиот ЏК Миоки и Сергеј Димитриоски (до 60 кг) од прилепскиот ЏК Пролетер. Со многу посветеност и желба за успех, Богдановска и Димитриоски, предводени од искусниот тренер Игор Паскоски, се подготвени да го дадат својот максимум и достоинствено да ги претставуваат Македонија и македонското џудо. Во составот на Македонската делегација на годинашното Европско првенство е и високореномираната македонска ИЏФ-судијка Катерина Николоска, која ќе ја дели правдата на континенталниот шампионат во Подгорица.
– Конкуренцијата е силна како никогаш досега, а шансите за медал статистички не ни одат во прилог, но очекувам нашите џудисти да го дадат максимумот и да прикажат добри борби. За Богдановска ова е прв настап на европско првенство во оваа возрасна група, по освоеното деветто место на ЕП 2023 за кадети. За неа овој настап, секако, ќе претставува значајно искуство, особено ако се земе предвид фактот дека и во следната натпреварувачка година припаѓа во оваа возрасна група. За Димитриоски ова е прв настап воопшто на едно европско првенство. И двајцата наши репрезентативци се мотивирани и се во одлична спортска форма. Единствен поголем недостаток на патот до ова ЕП е малиот број реализирани натпревари во 2026 година.
Да потсетам, Богдановска во 2025 година освои по едно сребро и бронза од европските купови за јуниори, а во тековнава година стана балкански првак во сениорска конкуренција. Димитриоски во 2025 година се закити со бронза на Балканското првенство за сениори. Засега единствен европски медал за Македонија останува освоената бронза на Хамза Јашари на ЕП 2018 за кадети – вели Паскоски, тренер на ЏК Миоки.
На јуниорското ЕП 2026 се пријавени 411 џудисти и џудистки од 44 држави. Г.И.































