Холандската централна банка (ДНБ) прераспоредила 86 тони од своите златни резерви од САД и Канада во Лондон, во рамките на мерките за подобра подготвеност за кризни ситуации во услови на зголемена геополитичка нестабилност.
Операцијата била спроведена меѓу март и август годинава, објави „Гардијан“, повикувајќи се на соопштение на ДНБ.
Од Банката објасниле дека златото што се чува во Лондон може полесно и побрзо да се тргува од резервите во Њујорк и Отава. Лондон е еден од најголемите светски центри за трговија со физичко злато, а резервите на ДНБ се чуваат во Банката на Англија.
– Со овој чекор ја подобривме можноста за користење на златните резерви. Претпоставуваме дека никогаш нема да треба да го употребиме златото, но сепак е неопходно да ги зајакнеме нашата отпорност и подготвеност – изјави претседателот на ДНБ, Олаф Слејпен.
Сите 86 тони не биле физички пренесени директно од Северна Америка во Лондон. Повеќе од 27 тони биле физички преместени од САД и Канада во трезорот на ДНБ во холандскиот град Зејст, додека приближно иста количина била префрлена од Зејст во Лондон.
Дополнително, 59 тони злато што се чувале во Њујорк биле продадени, а исто количество било купено во Лондон.
Вкупните златни резерви на Холандија изнесувале 612,4 тони и на крајот на 2025 година биле проценети на 72,2 милијарди евра, односно на околу 83,7 милијарди долари.
Пред прераспределбата, 31,3 проценти од холандското злато се чувало во Њујорк, а 19,7 проценти во Отава. По операцијата, во двата града се чуваат по 18,5 проценти од резервите.
Уделот на златото сместено во Лондон е зголемен од 18,1 на 32,1 проценти, додека 30,8 проценти од резервите и натаму се чуваат во Холандија.
































