Фото: Маја Јаневска-Илиева

Какво време ја очекува Македонија во наредните месеци?

  • Силен глобален климатски сигнал отвора можност за невообичаена зима на Балканот – генерално потопла, но со повеќе температурни осцилации, периоди со дожд, на планините – снег, но ќе има и голема веројатност за невообичаено силни и брзи осцилации на температурите, што битно ќе влијае на граѓаните метереопати

Следната зима би можела да биде една од климатски најневообичаените во последните години. Причината е феноменот Ел нињо (глобален двоен океанско-атмосферски феномен), кој годинава се развива со исклучително голема сила и веќе ги менува долгорочните атмосферски обрасци на северната Земјина хемисфера.

Како ќе се почувствува Ел нињо?

Според најновата анализа на американскиот Национален центар за климатски предвидувања (НОАА), постои веројатност поголема од 90 отсто Ел нињо да достигне многу силен интензитет во текот на есента и зимата 2026/2027 година. Дополнително, НОАА проценува дека постои веројатност од 69 отсто периодот октомври-декември да достигне интензитет што би го надминал оној на сите претходни настани поврзани со Ел нињо во инструменталниот запис од 1950 година. Британската метеоролошка служба оди уште подалеку во оценката, наведувајќи дека печатот на Ел нињо во актуелните прогнози е исклучително интензивен и дека, доколку прогнозите се остварат, 2026 година би можела да донесе еден од најсилните вакви настани во современата историја. Но што значи сето тоа за Македонија?

Да не се очекува класична зима

– Најважната работа што треба да се разбере е дека Ел нињо не значи автоматски топла зима или т.н. кочан – ладна зима за Македонија. Неговото влијание (на Ел нињо) врз Европа е посложено, но секако и послабо отколку врз Северна и Јужна Америка, а временските услови во нашата земја зависат и од распоредот на атмосферскиот притисок над Европа, Медитеранот, Балканот и источниот дел на континентот. Токму затоа сезонските модели не треба да се читаат како календар што однапред кажува кога ќе врне снег во Скопје или кога температурите ќе паднат под нулата. Тие покажуваат веројатни обрасци, а не конкретни временски настани. Европските сезонски прогнози генерално имаат пониска сигурност кога станува збор за влијанието на Ел нињо, но силниот феномен Ел нињо сепак може да го промени големиот атмосферски распоред и со тоа да создаде услови за значајни временски отстапувања. За Македонија тоа најверојатно значи една работа: Зимата да биде – променлива, невообичаено топли периоди, со брзи и нагли промени во невообичаено студени периоди.

Од топли периоди до одненадеж – студени пробиви

Едно од можните сценарија е подолги периоди со температури над просекот, особено на почетокот, а и на крајот од зимската сезона. Во такви ситуации, Македонија би можела да има повеќе денови со релативно блага зима, со температури што во пониските места ќе бидат над вообичаените зимски вредности. Но тоа не значи дека мразот (и снегот) ќе исчезне од сценариото. Напротив, доколку големата циркулација над Европа повремено овозможи пробив на студен континентален или северен воздух кон Балканот, релативно кратки периоди би можеле да донесат нагло заладување, мраз и снежни врнежи. Токму оваа комбинација – потопла основа, но со можни кратки и остри студени продори – е една од опциите што треба да се има предвид кога се размислува за зимата пред нас.

Во превод, поедноставно, ова би значело дека не е исклучена зима во која две или три недели ќе изгледаат како пролет, а потоа за неколку дена ќе пристигне вистински зимски удар.

Ќе има ли снег во Македонија?

Прашањето за снегот веројатно ќе биде најинтересно за јавноста, но и најтешко за прецизно одговарање неколку месеци однапред.
– За Македонија сѐ уште не постои доволно сигурен сезонски (метеоролошки) сигнал врз основа на кој би можело сериозно да се тврди дека претстои снежна или, пак, сушна (без снег) зима. Она што може да се очекува е дека повисоките планински предели ќе имаат значително поголема веројатност за задржување на снежна покривка, додека во котлините и особено во Скопската Котлина снегот може да биде многу повеќе зависен од краткотрајните студени пробиви. Тоа значи дека дури и во релативно топла зима не треба да се исклучат неколку сериозни снежни епизоди. Но ништо сериозно. Ако студениот воздух се совпадне со активен циклон над јужниот или над источниот дел на Балканот, условите би можеле за кратко време да се претворат од суво и релативно благо време во дожд, а потоа и во снег – велат наши договорници, метеоролошки експерти, кои за читателите на „Нова Македонија“ ги толкуваа пресметките на метеоролошките сателити и нивните пресметки за климатските услови.

Медитеранот може да биде клучот

За Македонија особено ќе биде важен развојот на временските системи над Медитеранот.
– Ел нињо може да влијае врз глобалниот распоред на млазните струења и атмосферските системи, но патот од Тихи Океан до Балканот не е директен. Помеѓу нив постојат голем број фактори – Атлантикот, Европа, Медитеранот, воздушните маси над Источна Европа и распоредот на висок и низок воздушен притисок. Затоа е сосема можно во истиот месец Македонија да има подолг сув и релативно топол период, а потоа неколку дена со обилни врнежи и силно заладување. Токму ваквата зимска клацкалка би можела да биде една од карактеристиките на сезоната – велат нашите соговорници.

Дожд наместо снег – уште едно можно сценарио

Доколку температурата во пониските слоеви на атмосферата остане повисока од просекот, дел од врнежите што во типична студена зима би паднале како снег, може да бидат дожд. Ова особено би се чувствувало во Скопје и во пониските котлини. Но само неколку степени разлика во температурата можат да го сменат целиот карактер на врнежите. Доколку студениот воздух се спушти од север или од североисток во ист момент кога има доволно влага од Медитеранот, дождот брзо може да премине во снег. Затоа сезонскиот просек на температурата не е доволен за да се предвиди бројот на снежни денови.

Декември, јануари и февруари – кој период може да биде најкарактеристичен во контекст на климатските промени што ги носи Ел нињо?

– Во моментов е прерано за календарски прецизно рангирање на месеците. Сепак, климатските сигнали укажуваат дека влијанието на силниот Ел нињо ќе се засилува кон зимскиот максимум. Некои долгорочни анализи укажуваат и на можност за нарушувања на вообичаената циркулација во стратосферата и слабеење на поларниот вител во текот на зимата. Таквите процеси можат да овозможат студен воздух од високите географски широчини да се спушти кон пониските широчини, иако сами по себе не гарантираат студена зима на Балканот. За Македонија, доколку таков развој се совпадне со поволен распоред на циклоните над Медитеранот, може да се создаде рецепт за значајна зимска епизода. Затоа јануари и февруари не треба однапред да се опишат како топли, дури и ако сезонскиот просек покаже тенденција кон натпросечни температури – толкуваат нашите соговорници, експерти по метеорологија.

Македонија може да биде меѓу две зими

Најреалната слика во овој момент не е ниту екстремно студена, ниту целосно топла зима. Повеќе личи на зима со изразени контрасти. На една страна е глобалниот сигнал на силниот климатски феномен Ел нињо, кој во делови од Европа може да придонесе кон поблага циркулација. На другата страна се можните нарушувања во атмосферската циркулација, кои повремено можат да отворат пат за студен воздух кон Балканот.
– Оттука произлегува можната формула: долги благи периоди плус кратки силни заладувања плус повремени обилни врнежи плус неизвесност околу снегот во низините. Тоа би значело зима што повеќе ќе се памети по својата променливост отколку по константно студено или топло време – велат соговорниците.

А што нè очекува во наредниот период?

Пред вистинскиот зимски период, Македонија ќе мине низ есенска фаза во која постепено ќе се зголемува влијанието на големите атмосферски системи над Европа. Силниот климатски феномен Ел нињо веќе е во фаза на развој, а според НОАА неговото јакнење се очекува да продолжи до крајот на годината. Тоа не значи дека секој следен месец автоматски ќе биде потопол или повлажен. Напротив, есента може да донесе значителни осцилации – топли денови, нагли пробиви на свеж воздух, периоди со сушно време, но и епизоди со пообилни врнежи. Во Западна и Северозападна Европа веќе се очекува поголема веројатност за повлажни и побурни услови во есента и почетокот на зимата под влијание на Ел нињо. Дали тој сигнал ќе се пренесе директно и во Македонија – не може однапред да се тврди. Балканот е премногу блиску до Медитеранот и премногу изложен на локалната орографија за глобалниот сигнал да се претвори во едноставна временска формула. Н.М.


Следната зима нема да биде обична од аспект на глобалната климатска циркулација

Во следните месеци најинтересно ќе биде да се следи дали силниот климатски феномен Ел Нињо ќе продолжи да ги менува атмосферските обрасци и како тие ќе се позиционираат над Европа. Една работа, сепак, веќе е јасна. Имено, зимата 2026/2027 година нема да биде обична од аспект на глобалната климатска циркулација. На Македонија тоа може да ѝ донесе повеќе температурни осцилации, необично топли периоди во делови од зимата, но и услови за краткотрајни силни студени бранови.
Снегот останува во игра, особено на планините, додека за низините и градовите како Скопје конечниот исход ќе зависи од тоа дали студениот воздух ќе се совпадне со доволно влага и со соодветна траекторија на циклоните. Затоа, наместо некои сензационалистички наслови во медиумите, дека „доаѓа историска снежна зима“ или, обратно, дека „зима нема да има“, засега треба да се зборува за зголемена веројатност за невообичаено динамична и променлива сезона. Ако силниот климатски феномен Ел Нињо навистина го достигне интензитетот што го предвидуваат актуелните модели, тогаш неговите последици нема да се мерат само со тоа колку снег ќе падне во Македонија. Ќе се мерат и преку температурите, врнежите, сушните периоди, водните ресурси, земјоделството и енергетската потрошувачка. И токму затоа зимата пред нас вреди да се следи внимателно – не како однапред напишано сценарио, туку како сезона во која големите климатски процеси можат да создадат мали, но многу чувствителни промени во времето над Македонија. Н.М.