ФУДБАЛ
- Вкупно 11 од 20 клуба ги соборија своите рекорди за трансфери, шест од нив во повеќе од една пригода, пишува „Би-би-си“. Во годинашниот летен преоден рок клубовите вложија 3,46 милијарди фунти, а претходниот рекорд, од пред 12 месеци, беше 3,14 милијарди фунти
Клубовите од англиската фудбалска Премиер-лига го соборија својот рекорд за еден летен преоден рок, откако трошоците достигнаа 3,46 милијарди фунти, пишува „Би-би-си“.
Клубовите од највисоката фудбалска лига на Англија веќе ја надминаа границата од три милијарди фунти кога трансферот на Илиман Ндијаје од Евертон во Манчестер сити на крајниот рок за почетни 60 милиони фунти ја зголеми вложената сума над претходниот рекорд од 3,14 милијарди фунти од пред 12 месеци. Трансферот на Енцо Фернандез од Челси во Манчестер сити за израмнет британски трансфер-рекорд од 125 милиони фунти беше потврден кратко по затворањето на преодниот рок.
Вкупно 475 милиони фунти беа вложени на самиот крај на годинашниот летен преодниот рок, во споредба со 391 милион фунти во минатата година, пишува „Би-би-си“.
Три од 10-те најскапи трансфери во историјата на фудбалот се случија летово, сите од нив беа трансфери во Премиер-лигата, а овој летен преоден рок вклучуваше четири од петте најскапи договори во највисоката лига досега, пишува „Би-би-си“. Трансферот на Фернандез ги надмина 116-те милиони фунти што Манчестер сити ги вложи претходно во преодниот рок за да го ангажира играчот од средниот ред на Нотингем форест, Елиот Андерсон, а Челси плати 117 милиони фунти за Морган Роџерс од Астон вила. Во меѓувреме, Ливерпул плати почетни 106 милиони фунти, кои би можеле да се зголемат на 123 милиони фунти, за напаѓачот на Пари сен Жермен и на Франција, Бредли Баркола.
Трансферите на Јан Диоманде во Реал Мадрид и на Ентони Гордон во Барселона се единствените зделки склучени досега летово од клубови надвор од Премиер-лигата, кои вклучуваат обесштетувања над 60 милиони фунти, пишува „Би-би-си“.
Клубовите од англиската Премиер-лига како целина беа подготвени да вложат многу пари ова лето, бидејќи 11 од 20. клуба ги соборија своите рекорди за трансфери, шест од нив во повеќе од една пригода, пишува „Би-би-си“.
Ова лето, 35 отсто од договорите што вклучуваат надомест за трансфер се од еден клуб од Премиер-лигата до друг, што е зголемување од минатата година, кога таа бројка беше 30 проценти. Таа потоа се зголемува на 44 отсто во случаи кога клубовите од Премиер-лигата купиле играчи од пониските лиги на англиската фудбалска пирамида. Н.М.
































