Триесет и пет години независност на Македонија (3)
- ВМРО-ДПМНЕ го повикува македонскиот народ во татковината и дијаспората да се побуни против предавништвото и повикува на секаков отпор против велепредавниците и сплотување во одбрана на својата земја
На први август 1991, ден пред големиот празник Илинден, ВМРО-ДПМНЕ објави еден чуден официјален проглас што ја возбуди целокупната јавност. Имаше отворени асоцијации на повик за општонароден бунт. Во него се вели (цитирано): „Во овие денови кога сите народи во Европа сестрано настојуваат да го сочуваат својот национален и државен суверенитет и да избегаат од сиромаштијата и бедата што ја донесе комунизмот, ние Македонците одиме кон губење на сувереноста и кон невидена сиромаштија. Нам ни се повторува историјата. Тајни средби на наши и на српски политичари ја одредуваат иднината на Македонија. Тие веќе имаат склучено договор иднината на Македонија и слободата на македонскиот народ да ја гарантира Србија.
ВМРО-ДПМНЕ го повикува македонскиот народ во татковината и дијаспората да се побуни против предавништвото и повикува на секаков отпор против велепредавниците и сплотување во одбрана на својата земја. Со овој повик до тебе го прогласуваме денешниот ден за Трет Илинден и како почеток на бунт против договорите со кои Македонија е ставена под протекторат на Србија во остатокот на некогашна Југославија“ (завршен цитат). Прогласот е потпишан од Доста Димовска, заменик-претседателка на партијата.

На провокативниот повик за бунт реагираа другите партии, особено СДСМ и либералите во парламентот и некои надвор од Собранието. Тие бараа да се поведат истраги, да се истражи поподробно што всушност се сакало со повикот, дали тоа било повик за предизвикување граѓанска војна. На една нова, долга и вжештена седница на Собранието се разменуваа наизменични обвинувања меѓу партиите и пратениците. Се бараа виновници, се бараше одговорност, но на крајот сѐ се заврши мирољубиво, како ништо да не било. Меѓу партиите што го осудија објавениот повик беше и партијата МААК, во тоа време предводена од познатиот поет Анте Поповски.
Средбата на собраниските делегации на Македонија и Србија како повод за прогласот
Повод за овој проглас оценет како повик за отворен бунт беше една јулска средба меѓу собраниски делегации на Македонија и Србија во Охрид. Македонската делегација ја предводеше Стојан Андов, српската нивниот претседател на Собранието Александар Бакочевиќ, познат новинар, дипломат, сопруг на светски позната оперска првенка Радмила Бакочевиќ.
Некој му дошепнал на раководството на ДПМНЕ дека таму е договорено Македонија и Србија да дејствуваат заеднички и да ја поддржуваат идејата за скратена Југославија. Таквата информација, намерно и свесно раширена и филувана, кај припадниците на ВМРО создаваше екстра нервоза. Според Андов, на средбата навистина се разговарало за ситуацијата во Југославија, за соработката меѓу двата парламента, а едно од клучните прашања наводно било прашањето како да се одбележи Илинден во манастирот „Прохор Пчињски“, имајќи ги предвид сериозните инциденти од претходната година. Но за договор со Србија за воспоставување „мала Југославија“ воопшто не станало збор. Јавната изјава (оправдувањето) на Андов немаше таква убедителна сила и влијание како шпекулацијата што кружеше од анонимни извори.
Средбата во Охрид била искористена за повод, но причините се барани на друга страна. За тоа сведочат неколку последователни синхронизирани настапи на ВМРО-ДПМНЕ пласирани од нивни луѓе преку јавните гласила.
Најпрво се јави професорот Димитар Димитров, близок до партијата, министер за образование и наука во владата на Кљусев. Димитров, роден во Егејска Македонија, доктор на филозофски науки, дисидент во времето на комунизмот, познат по своите отворени критики на општествените појави, уште од тоа време го навлече околу себе сомнежот на научник и човек што држи до бугарските, а не до македонските национално-идентитетски корени. Извесен период го носеше ореолот на прв, но потаен идеолог на најнационалната партија.
Во текст под наслов „Македонија чека на слеп колосек“, објавен на 6 август во весникот „Нова Македонија“, оценува дека македонската политика е во стравотен расчекор помеѓу стратегијата и тактиката. Стратегиски е определена за независност, тактички влече кон самоисчезнување. Го обвинува македонското раководство дека ја игра улогата на најсигурна и најверна членка на Југославија, дека политиката што се води е инфериорна, посредничка, малодушна, очекувачка и нерешителна. Фрла дрвја и камења против Глигоров, Андов и Тупурковски, им припишува поданички менталитет и идеолатрија на југословенството. Ги нарекува воспитаници на Дедиње и заклучува дека дефетизмот и стравот од осамостојување стануваат државна филозофија. Не бара јавно нивна смена, но става до знаење дека политиката што се води би била поинаква доколку овие функционери не би биле на тие места.
Набрзо по Димитров се јави „некрунисаниот“ идеолог на ВМРО-ДПМНЕ, емигрантот, поранешниот осуденик, Драган Богдановски, официјално прогласен за почесен претседател на партијата. Од Шведска во Македонија го пласираше својот авторски текст под наслов „Манифест до македонскиот народ“. Во него Богдановски, на еден или на друг начин, го повикува македонскиот народ на бунт. Бара македонското раководство да го следи примерот на Словенија и Хрватска, „кои во епска и величествена борба решиле да се отцепат од Југославија“. Клучна точка, главна поента на текстот беше неговата реченица дека „народ што не е подготвен за својата национална независност да пролее крв не заслужува да се нарече ни племе, а не нација“. Последната реченица беше на висока цена и често цитирана во милитантното крило на ВМРО-ДПМНЕ.
Со еден крајно непристоен, вулгарен речник повикува од политичката сцена да се елиминираат Глигоров, Андов и Тупурковски, нарекувајќи ги српски кодоши, предавници, квислинзи, јаничари служејќи се и со други примитивни изрази. Тој текст не беше ни првиот ни последниот глас на Богдановски. Во повеќе наврати бараше попровоцирачки настапи на партијата и на нејзиното водство и повици за уривање на легално избраното раководство.
Со слични ставови се појави и списанието „Глас“, официјален орган на ВМРО-ДПМНЕ, кое, исто така во посебен осврт, не штедеше зборови да го нападне актуелното раководство, да го обвини македонскиот народ за кукавичлак и за неспособност да донесува храбри одлуки.
Со повикот за бунт, со написите што ги пласираше, со изјавите што се даваа, со однесувањето на пратениците во Собранието, се настојуваше да се создаде атмосфера на недоверба, на можно уривање на владата и смена на Глигоров. Намерата во тие кругови беше републиката да се воведе во милитантна насока, да се приклучи кон воените дејствувања и по можност во Македонија да се отвори „третиот фронт“ против ЈНА, по она што се случуваше во Словенија и Хрватска.
Засилена активност на безбедносно-разузнавачките служби
Не спиеше ни македонската тајна полиција, суперактивни беа нејзините внатрешни безбедносни и надворешноразунавачки служби. Полицијата имаше свои соработници, информатори и доушници инфилтрирани во сите партии, а и партите има „свои луѓе“ во самата полиција. Вниманието во поголем дел беше насочено кон засиленото бугарско влијание во партиите, особено во ВМРО-ДПМНЕ, а помалку кон српските, со кои сѐ уште имаше контакти и соработка. Беа следени многу собири, средби и тајни состаноци. Се проверуваа и анализираа фотографии и снимки од тие средби. И партиите меѓу себе се шпионираа и тие си имаа свои уфрлени информатори, креатори и извршители.
Безбедносните служби внимателно го следеа и напливот на странските агентури што се намножуваа на македонски терен. Странците веќе отвораа повеќе врати и врбуваа свои соработници што се намножуваа со текот на времето. Некои беа таргетирани лично, некои сами им се нудеа на странските служби. Меѓу таквите беа политичари, познати млади професори, бизнисмени и новинари.
На периферијата на овие крупни настани се случуваат помали инциденти и обиди за формирање илегални организации. Првин имаше намерна експлозија пред Домот на ЈНА во Велес, тогаш уште Титов Велес. Во Штип се јавуваат пропагандни материјали против референдумот. Пред влезот на касарната војската подига брани од песок и митралески гнезда. Секции на ВМРО-ДПМНЕ, под водство на потпретседателот Димитар Црномаров од Битола, бараат формирање доброволни вооружени одреди и партиска полиција. Слични активности се одвиваат во Радовишко, во Охрид и во други места, но со мал интензитет.
Од друга страна, истото тоа го бараат и просрпски националистички елементи. Секции на СК – движење за Југославија не мируваат, ширејќи пропаганда против референдумот. Високи претставници на нерегуларните војски од Хрватска доаѓаат во Македонија да купуваат оружје, гранати и мини од „Сувенир“ кај Македонски Брод и од една фабрика во Прилеп. Кај Албанците се формираат вооружени селски стражи и се подгрева атмосфера на воена психоза, со закана меѓунационалните односи да станат жариште за евентуални судири. На границите почнува шверцот на оружје, барут, цигари, нафта и храна и којзнае какви уште други артикли биле на листата да се помине илегално преку граница.
(продолжува утре со: Конфликтите со ЈНА, неспособноста на Европа и последните денови)
































