„Живи рани, мелем песни“ е поетската збирка од Габриела Стојаноска промовирана деновиве во Прилеп. Се работи за прва поетска збирка на авторката, која ја промовираше писателката Оливера Андоноска и која посочи дека „Живи рани, мелем песни“ од Габриела Стојаноска е дом.

– Од првата до последната страница, од ноктот на десната рака до левата преткомора, како што вели самата во стиховите на „Во што се претворивме“, чекориме низ него, за да сфатиме дека цело време сме чекореле низ себе. Низ најтемните улички на нашите мисли, во ќор-сокаците на нашето тело, на местата на најголемата тага, таму кај што последното збогум значи ветување за повторна средба. На тој пат не сме ни забележале дека ни испопаднале сите ножеви како штит од непознатото во мракот, од сите мрачни сенки/од своите сенки, сите наместени изрази, се погледнуваме во огледалата поставени на секој чекор, а во нивниот одраз го гледаме сопствениот шок, изненадувањето од таа „дрскост“ да се посегне по она што обично го оставаме затскриено во мракот. Овој дом постојано се осветлува во најразлични агли, но тоа само им ги зголемува силното доживување, приврзаноста, блискоста и на гостите, а чинам и на домаќинката – вели Андоноска.
Стиховите од „Живи рани, мелем песни“ ги интерпретираше актерката Лора Штарго, која неодамна дипломираше на ФДУ.
Габриела Стојаноска дипломира и магистрира на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје. Работи како наставничка по македонски јазик во основното образование. Повеќе години беше уредничка на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“. Има објавено три збирки раскази – „Гола“ (2007), „Приказни за краткоста – раска(з)(ж)и за своја душа“ (2019) и „Сега би пишувала за…“ (2022), научната студија „Кусиот расказ и сонот – компаративни паралели низ призмата на неколку критички методи“ (2018) и збирката драми „Драми (Трудници/Тајни)“ (2020). Добитничка е на повеќе книжевни награди. Ка.М.
































