ВО ПРЕСРЕТ НА 34. ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ОДБОЈКА ЗА МАЖИ
- Владо Милев, Александар Љафтов, Никола Ѓоргиев, Стојан Илиев, Филип Маџунков и Ѓорѓи Ѓоргиев настапиле и на претходните три европски првенства, во 2019, 2021 и во 2023 година
Македонската машка одбојкарска репрезентација од 9 септември ќе игра на 34. Европско првенство (ЕП), а се наоѓа во групата Б, во Софија (Бугарија), заедно со домаќинот Бугарија, потоа со Полска, Украина, Португалија и со Израел. Дури шестмина македонски репрезентативци што се во актуелниот состав на селекцијата и се подготвуваат за ново учество на ваков континентален собир настапуваа и на претходните три европски шампионати.
Владо Милев, Александар Љафтов, капитенот Никола Ѓоргиев, Стојан Илиев, Филип Маџунков и Ѓорѓи Ѓоргиев се играчите што настапиле и на ЕП во 2019, 2021 и во 2023 година. Од нив Милев и Љафтов може да се пофалат дека немаат пропуштено натпревар, односно играле на сите досегашни 16 меча на европските првенства.
Љафтов е единствениот што ги одиграл сите сетови, вкупно 54, а Милев има два помалку одиграни сета, информира Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Македонските одбојкари, предводени од селекторот Јошко Миленкоски, продолжуваат со засилените подготовки пред почетокот на ЕП 2026, на кое се пласираа како една од најдобрите меѓу второпласираните репрезентации во квалификациите. Најголемиот успех на Македонија на европските првенства е остварен во 2023 година, кога ја помина групната фаза и стигна до осминафиналето, а потоа во Бари загуби со 0-3 од домаќинот Италија. Македонија на ЕП 2023 го освои 16. место.
На досегашните 16 натпревари на ЕП, црвено-жолтите имаат биланс од четири победи и 12 порази, а ниту на еден меч од тие 16, не стигнал до петтиот сет. Единствена друга репрезентација што, исто така, не стигнала до петтиот сет на ЕП е Шкотска, која одиграла седум меча, сите во 1971 година, пишува Одбојкарската федерација на Македонија.
Гледано поединечно, капитенот Ѓоргиев е најдобар поентер на Македонија на сите досегашни настапи на европските првенства, со вкупно 244 поени (во 2019 година 96 поени, во 2021 и во 2023 година по 74), а средниот блокер Филип Маџунков го држи рекордот за најмногу ас-сервиси на еден натпревар на ЕП, вкупно 11, во поразот од Русија со 0-3, во Љубљана, на ЕП во 2019 година, информира ОФМ. Г.И.

































