ШАХ – ВТОР МЕМОРИЈАЛЕН ВЕТЕРАНСКИ ТУРНИР „БЛАГОЈА СОТИРОВСКИ-ЏАГУРЕ 2026“
Шаховскиот клуб на ветерани Скопје 72, во согласност со семејството Сотировски и логистичка поддршка на ШК Алкалоид, а во спомен и незаборав на македонската шаховската легенда и трикратен шампион на Македонија (1951, 1953 и 1954 година) го организира вториот меморијален ветерански турнир „Благоја Сотировски-Џагуре 2026“, в петок и в сабота (двата дена од 10.30 часот) во девет кола, во просториите на ШК Алкалоид. Поради просторните можности, бројот на учесници е ограничен на 36.
Главен судија е Вахидин Исмаили, а директор на турнирот е Илија Стошевски. Наградниот фонд има шест дела, прва награда 12.000, втора 8.000, трета 6.000, четврта 4.000, петта 3.000 и шеста 1.500 денари за најдобропласиран шахист од осумте најслаборангирани играчи.
Македонскиот велемајстор (ВМ) и член на ШК Алкалоид, Звонко Станојоски, кој е и сегашен учесник, победи лани на првиот турнир меѓу 32 шаховски ветерани, со седум поени од девет можни, колку што имаше и ФИДЕ-мајсторот (ФМ) од Србија, Љубомир Биљаниќ, но со послаб дополнителен критериум. Третото место го освои еден од основачите на ШК Алкалоид, Стевчо Георгиевски, со 6,5 поени. Досега се пријавени 36 шахисти (од кои двајца ВМ и пет ФМ), а прворангиран е ВМ Станојоски (2.328). Г.И.

































