Истражувачи во близина на познатите плажи на Хемптонс во Њујорк фаќаат, означуваат и повторно пуштаат ајкули во морето, во обид подобро да ги разберат нивните движења и промените што ги носи затоплувањето на океаните. Научниот тим поставува различни видови уреди за следење на ајкулите.
Дел од нив испраќаат сигнали што можат да бидат регистрирани од приемници долж брегот, додека други собираат податоци за длабочината на која се движат животните и температурата на водата, пренесе „Асошиејтед прес“.
Истражувањето е особено важно бидејќи водите околу Лонг Ајленд се сметаат за едно од ретките потврдени природни „расадници“ за млади големи бели ајкули. Во овие плитки крајбрежни води младите единки ги поминуваат првите години од животот, каде што имаат повеќе храна и помала опасност од поголеми предатори.
Собраните податоци покажуваат дека ајкулите можат да поминуваат огромни растојанија. Некои од означените животни биле регистрирани во Северна Каролина, Џорџија, Флорида и Мексиканскиот Залив, а потоа повторно се враќале во водите кај Лонг Ајленд.
Научниците забележуваат и дека сè потоплите води привлекуваат повеќе видови ајкули од јужните и потопли подрачја. Во регионот во последниве години се забележуваат и видови како спинер-ајкули, црноперки ајкули и бикови ајкули. Истражувачите нагласуваат дека присуството на ајкули во овие води не е нова појава, но современата технологија, дроновите и подоброто следење придонесуваат тие денес почесто да бидат забележувани.
Целта на проектот не е само подобро да се разберат овие морски предатори, туку и да се промени јавната перцепција за нив. Научниците потсетуваат дека ајкулите имаат важна улога во одржувањето на рамнотежата во морските екосистеми.
Истражувањето во водите кај Хемптонс, според AP, би можело да даде нови одговори за тоа како климатските промени и затоплувањето на океаните влијаат врз движењето и распространетоста на овие фасцинантни морски животни.































