Архивска фотографија за едно од рочиштата за случајот „Пулс“ (Фото: Маја јаневска-Илиева)

Oд 2012 до 2025 година, колку што нам ни е познато, не е извршена инспекциска контрола во дискотеката „Пулс“ во Кочани од инспектор за противпожарна заштита, одговори денеска вештото лице Викторија Будимовска Секуловска во судницата во Идризово, каде продолжи судската расправа за случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

По излагањето за вештачењето, расправата продолжи со доказна постапка, со вкрстени прашања од одбраната за вештите лица. При тоа, Будимовска Секуловска одговори дека со вештачењето, утврдила дека во внатрешноста на објектот, бил истакнат само еден план за евакуација, а главната влезно-излезна врата не била противпожарна.

– Сè што спаѓа во противпожарна врата, значи паник-рачка и кочење во систем за кочење во отворена положба и самата огноотпорност на вратата, сето тоа не е исполнето на таа врата – одговори таа на едно од прашањата.

На прашања одговараше и вештото лице Маријана Лазаревска, која во претходен исказ направи детална елаборација на сите изведени зафати во критичниот објект, а како што кажа, во функција на негова пренамена.

– Иако беше повторувано дека не е наше да утврдуваме причина за пожар, меѓутоа можам да го споделам мојот личен став во однос на тоа, дека ценевме иницијалниот извор на пожарот да се прскалките. Меѓутоа, можноста да се запали нешто во конкретниот случај, во конкретниот објект, припаѓа на сунѓерот. Значи, тука имаме директна поврзаност – истакна таа во судницата.

Според неа, тоа е нешто што му помага да се прошири, да гори, прво да се запали, па да гори, да се рашири пожарот.