Број на пожари во Македонија е сѐ уште многу висок, има опасност од појава на нови, а пожарникарите кои секојдневно ги гасат се исцрпени, изјави денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов. Тој информираше дека вчера биле регистрирани 26 пожари на отворен простор, а во моментот тежок пожар има на територијата на општина Струга, во атарот на селата Локов и Буринец.
– Се работи за шумски пожар, каде што пред гори неквалитетна шума, на некои места грмушки и трња, но постои опасност да навлезе и во квалитетна шума поради што разгледувавме можност за употреба на хеликоптер. Но во топлите часови од денот употребата на хеликоптерот е лимитирачка. Овде на самото место се упатени повеќе екипи на „Национални шуми“, кои се обидуваат да дојдат до попрецизни информации на кој начин овој пожар ќе биде ставен под контрола – информираше Ангелов.
Сѐ уште е активен еден крак од пожарот кај Ајватовци, а доцна синоќа имало драматична ситуација на територијата на општина Боговиње, во атарот на селата Урвич и Јеловјане, каде што огнот се приближил кон селото Јеловјане.
Според директорот на ДЗС, вчера доцна попладне избуванал пожар и на територијата на општина Штип, во атарот на село Селце, на падините на планината Серта.
Ангелов апелираше граѓаните да бидат внимателни, вегетацијата е многу сува и доволна е само една искра за вистинска катастрофа.

































