На концертот „Кој пее, два пати се смее“ вo рамките на „Битолското културно лето“
Минатата среда во КИЦ „Офицерски дом“ во Битола, концерт под наслов „Кој пее, два пати се смее“ одржаа детскиот хор „Ѕвончиња“ и тинејџерскиот хор „Попрокет“ под раководство на Марина Коруновска, а во продукција на музичкиот центар „Коруновска“.
Детските распеани грла овој пат изведоа необичен репертоар. Станува збор за македонски хумористични песни што денес многу ретко можат да се слушнат.
– Идејата за концертот тргна од прашањето: Како на децата да им ги приближиме песните што ги пееле нивните баби и дедовци? Во време во кое шундот доаѓа до нив побрзо од која било друга музика, сакавме да им покажеме дека македонската музичка традиција не е само нешто што треба да се учи како историја туку дека таа може да биде жива, смешна, духовита и забавна. „Леле, наставничкеее, мора ова да го пееме? – беше една од првите реакции. Песните ги слушаа од стари плочи. Звукот им беше необичен, а текстовите, уште понеобични. И токму тука почна најубавиот дел од работата – раскажува Коруновска.
Додека ја изучувале познатата македонска хумористична песна „Зајко кокорајко“ првично испеана од доајенот на македонската народна песна Александар Сариевски, децата наидувале на зборови што за нив биле непознати и нејасни, како што се „џамадан“, „пискулија“, „нагрнал“… Така, покрај пеењето тие спонтано одржувале и настава по македонски јазик откривајќи и изучувајќи архаични зборови.
Изборот на песните и подготовката на истите тие траеле околу два месеца.
– Кога почнавме да работиме со матрици, работите тргнаа во нагорна линија. Имаше сè повеќе ентузијазам и сè повеќе смеа. И, малку по малку, од самото пеење стигнавме и до понекоја кореографија. Така, песните престанаа да бидат стари песни и почнаа да стануваат нивни песни, е потоа ја создадовме приказната – објаснува Коруновска.
Со однапред смислен редослед на песните, со сценски изведби и со тематска поврзаност, младите хористи создадоа своевидна музичка драма исполнувајќи ги „Борјано Борјанке“, „Сношти појдов мила мамо“, „Зајко кокорајко“, „Зурли трештат на сред село“, „Коце берберот“ и „Куќа имам на Пелистер“.

Зад комплексниот проект застанаа Дарко Кулевски како музички продуцент и аранжер, актерот Никола Пројчевски во улога на водител и секако диригентката Марина Коруновска, со која децата го поминаа целиот процес на подготовка на концертот.
Вредноста на проектот се огледа во тоа што децата, покрај што го развиваат својот музички талент, преку ваквиот пристап научија и голем број заборавени македонски зборови, се запознаа со македонските традиционални хумористични песни, кои од туѓи и непознати ги претворија во свои, слушаа музика од стари плочи, многу се смееја, а ја расположија и ја насмеаја многубројната публика и покрај дождот, кој за миг му даде друга насока на концертот, но не спречи да згрмат аплаузите на самиот крај.
Настанот е дел од програмата на „Битолското културно лето“, а организаторите имаат идеја овој необичен концерт да биде прикажан и во други градови низ Македонија. Ф.Д.
































