Проф. Александар Адамовски
Среќна и успешна да биде новата учебна година за сите наставници, ученици, родители и засегнати во воспитно-образовниот процес. Обично дополнуваме, со лесно. Така некако на секој септемвриски почеток си посакуваме најубави желби за новата учебна година. И така треба да биде, односно да надвладува позитивното размислување. Вистинските просветари, оние вредни, одговорни, доследни и принципиелни во работата треба да бидат и да останат оптимисти, затоа што со песимизмот не се оди напред.
Клучни обврски што всушност се и должности во наставата: На почетокот од учебната година се соочуваме со обврски што всушност претставуваат и должности за сите што треба да продолжиме со поучување и учење. Термините: обврска и должност се во тесна врска и одат еден со друг. Една непресушна традиција што секоја година треба да се почитува не само на почетокот туку во текот на целата учебна година. За своите деца, родителите секако дека го посакуваат најдоброто, па се трудат да го обезбедат сиот потребен прибор за работа во училиште, онака како што ќе наложат барањата од наставниците. Да, точно е дека без учебник не бидува наставен час затоа што тој е првото и основно наставно средство за работа на часовите. Секој друг материјал е само додаток или прилог во наставата. Годинава во училиштата за учениците и наставниците навремено се пристигнати учебници за работа. Значи тргнуваме од првата должност, а наедно и обврска – обезбедување наставен прибор со кој ќе се работи во наставата. Постојат и хуманитарни акции што се организираат на ниво на училишта или од други организации, што е навистина за поздравување, односно акции што вклучуваат прибирање училиштен прибор за учениците на кои им е потребен зависно од домашната социјална положба.
Потоа со самото започнување на наставата, пред самите ученици и наставници важат кодекси за однесување, етички кодекси… тука секако е програмата за советување ученици и родители старатели, за кои е надлежна стручната служба во училиштата (педагог, психолог, социјален работник, дефектолог итн.). Значи најважно нешто што мора доследно да се почитува за да постои работна клима, секако се наставните кодекси за кои најодговорни се наставниците, особено одделенските и класни раководители, затоа што тие им ги читаат и им ги ставаат до знаење на учениците.
Оваа обврска и должност мора задолжително и континуирано да се следи и почитува затоа што се случува и да се подзапостави. И секако дека заслужува постојано да биде акцентирана. А кога нешто не се учи и не се применува континуирано, тогаш се оди во погрешен правец и оттука започнуваат проблемите. За да не биде така, мораме сите да имаме предвид со какви возрасти работиме и да изнаоѓаме начини да ги натераме и да ги убедиме како учениците да ја сакаат училницата во која престојуваат и со тоа и самото училиште и одговорните во него. Мотивот и волјата за работа само и единствено ги дава главниот менаџер на часот – наставникот. Како тој ќе се постави така ќе важат и ќе се почитуваат правилата и барањата. Тука нема дилема. Тоа е јасно. Затоа што и тоа е обврска и должност, колку ќе работиме и како ќе работиме со децата, за да очекуваме напредок и успешни резултати од нив.
Неизоставен дел се и родителите, кои од дома треба многу сериозно и посветено да влијаат на своите деца, па и да ги ограничат во некои задоволства што им ги овозможуваат со цел за да им возвратат, дека можат да учат и да бидат паметни, чесни, одговорни и разбрани. Соработката исто така е клучна и мора да постои континуирано во воспитно-образовната работа, а тоа значи колку и како се следи напредувањето на ученикот, што постигнува и кое поведение го покажува, какви потреби, барања, очекувања има итн., односно тој синџир на поврзаност: родител-наставник-ученик-директор-стручна служба, задолжително мора да се одвива уште од самиот септемвриски почеток и во текот на целата учебна година. Ако успешно се спроведува тоа, тогаш полесно ќе се согледуваат пропусти и сл. Според мене, оваа е најважната обврска и должност во училиштата, а не само надвор од нив и во разговор по телефон. Мора да постои лично соочување, разговор, односно следење на ученикот и исполнување на неговите задолженија. Свесни сме дека генерациите се менуваат, веројатно тоа се должи на брзиот технолошки напредок, а со тоа и брзиот начин на живот, па затоа сите да дејствуваме одговорно и посветено, односно да не ги запоставуваме основните обврски и должности со самото пречекорување на училишниот праг, па и надвор од него.
Со почит, ви посакувам среќна и успешна нова учебна 2026/2027 година, драги ученици!
































