Фото: ДЗС / Илустрација

До 18.30 часот денеска на територијата на државата се регистрирани вкупно 17 пожари на отворен простор. Од нив, седум се активни, три се ставени под контрола, а седум се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Активни пожари има во Општина Сарај, на потегот меѓу селата Копаница и Радуша, каде гори нискостеблеста шума и ниска вегетација, како и во Општина Чашка, над селото Нежилово, во месноста Сватови, каде пожарот зафатил ниска вегетација и поединечни дрвја.

Пожар е активен и во село Урвич, Општина Боговиње, каде гори нискостеблеста вегетација, како и во Општина Ново Село, на потегот меѓу селата Барбарево и Стиник, каде се зафатени ниска вегетација и мешана шума.

Во Општина Струга, активни се пожарите на подрачјето на селата Долна Белица, Вишни и Октиси, каде гори стрниште и ниска вегетација. Пожар е регистриран и во Општина Штип, меѓу селата Селце, Пухче, Степанци и Лакавица, каде е зафатена ниска вегетација.

Во Општина Прилеп, активен е пожарот во близина на Дата центарот, каде гори ниска вегетација и отпад.

Три пожари се ставени под контрола. Станува збор за пожарот кај селото Трново во Општина Гостивар, пожарот на потегот кон селата Битово, Заград и Страјане во Општина Македонски Брод, каде се зафатени нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат, како и пожарот на градската депонија Острец во Општина Делчево и пожарот над селото Палиград во Општина Зелениково, каде гори мешана шума.

Во текот на денот се изгаснати седум пожари – кај клучката Арачиново–Илинден и селото Црешево во Општина Гази Баба, кај селото Градец во Општина Врапчиште, кај селото Драгов Дол во Општина Македонски Брод, во близина на стадионот на „Напредок“ во Кичево, кај селото Житоше во Општина Кривогаштани и во месноста Макази, кај селото Подмочани во Општина Ресен.