Фото: Пиксабеј

Вселената би можела да стане една од најнеобичните лаборатории за развој на идната медицина. Научниците сè поинтензивно истражуваат како условите на микрогравитација можат да помогнат во проучувањето на болестите, тестирањето нови терапии и дури во производството на лекови за долготрајни вселенски мисии, пишува ИСС Нешонал лааратору (ISS National Laboratory).

Една од најинтересните области е истражувањето на човечки мозочни органоиди – мали тродимензионални модели составени од човечки клетки, кои им овозможуваат на научниците да го проучуваат развојот и болестите на мозокот.

Истражувања спроведени на Меѓународната вселенска станица веќе помогнале во развојот на потенцијална терапија за Рет синдром, која стигнала до клиничко испитување.

Научниците сега ја прошируваат оваа работа и кон други невролошки заболувања, меѓу кои Паркинсонова и Алцхајмерова болест. Во меѓувреме, ново истражување објавено во научното списание npj Microgravity разгледува можност за производство на пептидни лекови директно во вселената, по потреба.

Тоа би можело да биде особено важно за идните мисии до Марс и други долготрајни патувања, бидејќи лековите со текот на времето можат да ја изгубат својата ефикасност, а транспортот и складирањето големи количини медицински препарати е сложено. Истражувачите анализирале 26 различни пептидни терапии и идентификувале неколку кандидати кои во иднина би можеле да бидат погодни за производство за време на долги вселенски мисии. Микрогравитацијата се истражува и за создавање човечки ткива.

Научници работат на развој на лабораториски ткива, вклучувајќи и ткиво на црн дроб, со цел подобро да се разберат процесите на развој и регенерација на органите.

Иако „вселенските лекови“ засега звучат како научна фантастика, истражувањата покажуваат дека микрогравитацијата може да отвори сосема нови можности за медицината. Долгорочно, вселенските лаборатории би можеле да помогнат не само на астронаутите, туку и во развојот на нови терапии за пациентите на Земјата.