Ивица Боцевски
Зошто ги запоставуваме 1990-тите кога пишуваме за македонско-албанските односи? Прашањето кога конечно беше ставена точка на југословенската федерација уште долго ќе продолжи да биде предмет на жестока дебата помеѓу историчарите, но веројатно ништо помалку контроверзна не е и темата кога започна македонската независност. Државата го слави денот на референдумот, 8 септември 1991 година, како Ден на независноста, но според мислењето на Бадинтеровата комисија, Македонија се осамостојува на 17 ноември 1991 година со усвојувањето на новиот устав (бојкотиран од пратениците – Албанци). Уште поинтересен е фактот што органите на југословенската федерација и натаму функционираат на територијата на Македонија, дури и по прогласувањето на Уставот (вклучувајќи ја и епизодата со мислењето на Уставниот суд на СФРЈ за Декларацијата за самостојност, сувереност и независност на Република Македонија), продолжуваат и уплатите од федералниот кон републичкиот буџет, а сојузните министри од Македонија ќе останат во југословенската влада дури во новата 1992 година. На 15 јануари, Република Бугарија, како прва држава во светот, ја призна новата македонска независност, а потоа следуваше и Република Турција на 6 февруари. Меѓутоа, неоспорно е дека сите државно-правни врски помеѓу Македонија и СФРЈ беа конечно раскинати со договорот Глигоров-Аџиќ од 21 февруари 1992 година кога беа регулирани повлекувањето на ЈНА од Македонија и преземањето на воените објекти од новосоздадената Армија на Република Македонија (последниот југословенски војник замина од територијата на земјата на 27 март). Петнаесетти април ќе биде определен како конечен датум за враќање на македонските офицери, а тој рок ќе се однесува и на сите македонски кадри во сојузните државни органи. Монетарното осамостојување, пак, ќе дојде неколку денови подоцна, на 26 април 1992 година со воведувањето на новите вредносни бонови, кои потоа ќе прераснат во македонскиот денар.
Најверојатно не дискутираме за македонско-албанските односи од 1990-тите години поради целата серија проблеми со кои се соочи Македонија во текот на оваа деценија. Убедливо најголем предизвик беше одбивањето на Грција да ја признае новата македонска држава, под неразбирливиот изговор дека самото име Македонија подразбира територијални претензии кон Грција, па според нивното толкување новата земја претставува проблем за регионалната и меѓународната безбедност. Во суштина се работеше за спорење и на македонската државност, но и на посебноста на македонскиот идентитет. Грција едноставно не можеше да се соочи со самото постоење и на македонскиот народ, но и на македонската држава. Во ерата на „крајот на историјата“ на Френсис Фукујама, Балканот беше длабоко вкопан во нејзините најмрачни поглавја. За наша жал, Македонија беше идеално заморче за тестирање на новиот концепт на „заедничка надворешна и безбедносна политика“ на Европската економска заедница, а и Соединетите Американски Држави избраа да ја поддржат Грција според американското толкување на внатрешниот слом на реалсоцијализмот како триумф на нивната коалиција во Студената војна (Грција беше полето на првиот судир на САД и СССР, па победничката страна во грчката Граѓанска војна беше длабоко интегрирана во западните безбедносни и други структури). Геополитичките тектонски плочи ја сместија Македонија длабоко внатре во новиот европски и евроатлантски свет, па земјата немаше никаков маневарски простор во борбата со грчкиот Голијат токму поради тоа што просторот на поранешна Југославија го изгуби прекуноќ своето геополитичко значење.
Сепак ширењето на југословенскиот судир го сосредоточи вниманието на Европа кон Балканот (САД беа отсутни од регионот во првите неколку години на мандатот на новоизбраниот американски претседател Бил Клинтон). Нерешените македонско–албански односи во новата независна држава беа веднаш означени како уште една потенцијална невралгична точка во регионот, па веднаш станаа предмет на набљудување и потоа и конкретно замешателство и посредување низ институциите на новиот европски поредок. Внатрешниот дијалог помеѓу Македонците и Албанците доби и посредништво преку Меѓународната конференција за поранешна Југославија и потоа преку ОБСЕ, поточно високиот комесар на ОБСЕ за малцинства. Иако тогашните власти во Македонија тврдеа дека постојат рамка и процес за решавање на меѓуетничките проблеми, сепак избраните претставници на Албанците бараа сеопфатно решение преку изработка на нов уставен акт и поинакви форми на институционално решавање.
Изборот на првата политичка влада во 1992 година беше мал, но значаен пробив за македонско–албанските односи. Таканаречената експертска влада беше само едно инерцијално продолжение на лошите политики од 1980-тите години, вклучително и со потези за дополнително влошување на состојбите. Всушност, експертската влада беше лична влада на Киро Глигоров, но се покажа дека таа нема никаков демократски легитимитет во Собранието затоа што ниту една од новите политички партии не стоеше зад нејзиниот избор. Падот на оваа влада доведе до избор на првата демократска влада во историјата на Македонија. Интересно е тука да се напомене дека при партиските комбинаторики бил одржан и разговор за создавање влада помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ПДП-НДП. Овој обид бил охрабруван и од тогашниот хрватски претседател Фрањо Туѓман, преку врските на ХДЗ со ВМРО-ДПМНЕ и со координативното тело на партиите на Албанците од Југославија. Според сведочењата на клучните актери од овој разговор, тогашното ВМРО-ДПМНЕ било неподготвено за еден таков исчекор. Меѓутоа, самиот факт што ПДП е вклучен во власта како рамноправен коалициски партнер е значаен пробив за македонската демократија и за македонско–албанските односи. На тој начин во Македонија се создаде своевидна уставна конвенција дека во секоја македонска влада е нужно учество на партија што добила изворен легитимитет од граѓаните од албанско етничко потекло. Оттогаш, па до денес, никогаш не беше сторен обид за поништување на оваа пракса, што секако дека придонесува кон внатрешната стабилност на државата.
Сепак, кооптацијата на самиот врв на политичката елита на ПДП не значеше и решавање на наталожените проблеми. Во првиот дел од декадата, политичкиот примат во државата го имаше претседателот Киро Глигоров. Неговата претходна кариера во реалсоцијализмот укажува дека тој секогаш имал внимателен однос кон меѓуетничките прашања и отвореност за дијалог. Меѓутоа, во времето кога тој ги влечеше сите конци во Македонија нема да дојде до значајни поместувања и сѐ ќе остане само на разговори. Тогашниот премиер Бранко Црвенковски ќе покаже подготвеност и да се влезе похрабро во решавање на проблемите, но СДСМ во тој период се плаши од ново разгорување на македонскиот национализам, што секако дека ќе се одрази на нивниот политички рејтинг. Водачите на ПДП го сметаат тоа само за изговор. Најголемо постигнување од тој период е проширувањето на опфатот на наставата на мајчин јазик кога безмалку во сите средини каде што живеат етнички Албанци ќе се овозможи следење настава во основните и средните училишта на албански јазик. Исто така, ќе дојде и до бавно зголемување на бројот на вработени Албанци во државните служби. И покрај постоењето на политичкиот процес, ПДП иако е владин партнер ќе биде исклучен при изведбата на акциите демонстрациите на Бит–пазар, кои завршија со жртви, случајот „Паравојска“ и интервенцијата во струшко Радолишта, обидот за спречување на церемонијата за отворањето на тогаш нелегалниот тетовски универзитет (што, исто така, ќе заврши со жртви) и слични епизоди. Тие случувања ќе го доведуваат под прашалник учеството на врвот на ПДП во власт пред нивните избирачи.
Овој јаз помеѓу очекувањата и реалноста ќе ги изостри состојбите помеѓу Албанците во Македонија. Нетрпеливите политичари од помладата генерација во ПДП, предводени од Мендух Тачи, ќе се обидат да направат преврат во партијата, што ќе доведе до распад на дотогаш единственото албанско движење во Македонија. Ударна тупаница на новата партија ПДПА, а подоцна ДПА (по спојувањето со НДП) ќе биде споменатиот Мендух Тачи, а водечки интелектуалец Арбен Џафери (интересна е неговата врвица од најграѓанската опција во Приштина до најнационалистичката во Тетово). Новата партија ќе ја заостри реториката против владејачката коалиција, а на локалните избори од 1996 година ќе ги освои градоначалничките места во Тетово и во Гостивар. Покрај жестокиот етнички национализам, „младите лавови“ од ПДПА-НДП ќе станат популарни во јавноста и како единствени опозиционери во Собранието (поради бојкотот на вториот круг на изборите од ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија), а со впечатливи настапи и на теми од економијата, антикорупцијата, како и другите „неетнички“ теми. По прашањето за употреба на албанското знаме, како симбол на албанската заедница во Македонија, градоначалниците од ПДПА-НДП, Алајдин Демири од Тетово и Руфи Османи од Гостивар, ќе ја предизвикаат Владата и ќе испровоцираат полициска интервенција во двете општински згради, а потоа ќе бидат и кривично осудени. Премногу е нејасно зошто СДСМ и тогашниот премиер Бранко Црвенковски се одлучија да пристапат кон употреба на сила. Една од причините беа неколкумесечните студентски демонстрации против новиот Закон за педагошка академија, кој овозможи настава на албански јазик на оваа членка на државниот Универзитет „Свети Кирил и Методиј“. Демонстрациите имаа јасен македонски националистички набој, но добија поддршка и од раководството на универзитетот, како и од делови на естаблишментот.
Претходно, владејачката коалиција ја напуштија либералите, а на првите локални избори од 1996 година опозицијата убедливо победи во Скопје и укажа од потреба од нови избори. Можно е политичките пресметки во тогашниот врв на СДСМ да укажувале на потребата да се врати политичката иницијатива со одлучен одговор на провокацијата од ПДПА-НДП, а вториот ситен мотив беше и да се скрие девалвацијата на денарот, која се случи на истиот ден како и интервенцијата. Во секој случај, интервенцијата уште еднаш покажа пред домашната и европската јавност дека македонско–албанските односи остануваат уште едно од нерешените прашања во регионот и покрај постоењето на демократски процес и на внатрешно приспособување. Исто така, новите избрани градоначалници по локалните избори, како од ВМРО-ДПМНЕ и ДП/ЛДП (по спојувањето на демократите и либералите), така и од ПДПА-НДП, беа прв посериозен тест за опозицијата дали е подготвена да ја преземе одговорноста за водење на државата.
Во меѓувреме започнаа да се собираат темни облаци во регионот каде што ниту еден од актерите во Македонија немаше никакво влијание…
Што донесоа изборите од 1998 година ќе биде предмет на следниот текст од овој серијал.


































