„Нова Македонија“ е еден од трите медиуми што, заедно со „Вечер“ и „Плусинфо“, добија благодарници на свеченоста по повод Денот на рударите.
Свеченоста беше посветена на професионалците што со својот труд, знаење и храброст придонесуваат за развојот на македонската економија. На одбележувањето на Денот на рударите беа доделени и благодарници на најуспешните рудари.
Благодарницата за континуираното следење и професионалното известување за состојбите во рударскиот сектор, како и за анализите и прилозите насочени кон унапредување и развој на рударството во земјава, ја прими главниот уредник на „Нова Македонија“, Милко Живковиќ. Тој се заблагодари за признанието во име на „Нова Македонија“ и истакна дека ни претставува дополнителен поттик да продолжиме да известуваме и да ги промовираме дејностите и политиките што носат корист за економијата и општеството.
На одбележувањето на Денот на рударите – 28 Август, беше истакнато дека во услови на големи енергетски предизвици улогата на рударите станува уште позначајна.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска нагласи дека рударството е важна стопанска гранка и основа за развој на повеќе други индустрии, но потенцираше дека безбедноста на работниците мора да остане врвен приоритет.
Според неа, ниту произведената руда ниту инвестициите не можат да бидат повредни од човечкиот живот.
Во 2025 година во Македонија биле произведени 130.174 тони концентрат од бакар, олово и цинк. Рударството учествувало со 10,9 проценти во индустриското производство и со 2,8 проценти во вкупниот извоз на државата, истакна Божиновска.



































