Американскиот конгресмен Рајан Мекензи му се приклучи на бипартискиот и бикамералниот Конгресен македонски кокус, кој претставува група членови на Конгресот на САД кои се ангажираат за прашања поврзани со Македонија и македонско-американските односи.
Како што соопшти Обединета македонска дијаспора (ОМД), Мекензи, кој ја почна својата работа во Конгресот во јануари 2025 година, моментно е член на комитетите на Претставничкиот дом за образование и работна сила, надворешни работи и домашна безбедност.
Пред неговиот избор во Конгресот, Мекензи повеќе од една деценија служеше во Претставничкиот дом на Пенсилванија. За време на неговиот мандат во државното законодавно тело тој беше републикански претседател на Комитетот за труд и индустрија и копретседавач на Кокусот за меѓународни односи. Неговото искуство во меѓународните односи и јавната политика носи значајна перспектива во Конгресниот македонски кокус, кој продолжува да претставува форум за членовите на Конгресот да се ангажираат за прашања од значење за Македонија и Македонците во САД.
– Го поздравуваме пратеникот Мекензи во Кокусот. Неговата одлука да се приклучи ја одразува важноста од континуиран ангажман на Конгресот со македонско-американската заедница, како и потребата да се одржи силно присуство и глас во Вашингтон – изјави Арџи Н. Белио, претседател на Обединета македонска дијаспора.
Конгресниот македонски кокус е важен механизам за зајакнување на односите меѓу САД и Македонија, како и за признавање на придонесот на Македонците во САД.


































