Новата европска методологија – шанса или нова чекалница
Предлогот за нова методологија на проширување што неодамна го најави еврокомесарката Марта Кос, а што се очекува и официјално да биде објавен кон средината на септември, отвора повеќе прашања отколку што засега дава одговори.
Имено, на прв поглед, Брисел конечно признава дека досегашниот модел „сè или ништо“ повеќе не функционира бидејќи процесот на пристапување трае предолго, кандидатите губат мотивација, а Европската Унија истовремено се соочува со потребата да се прошири и со стравот што ќе значи тоа за нејзиното функционирање.
Токму затоа, Кос предлага постепена интеграција, повеќе придобивки уште пред полноправното членство и пофлексибилно одлучување.
На некој начин ова звучи како можност за забрзување, но, за земјите што со години се на европската врата, веднаш се наметнува дилемата дали постепената интеграција навистина ќе биде скратен пат до членството или само поинаку организирана чекалница?
Со овој предлог, ако кандидатот може да влезе во одделни европски системи, да добива финансиски и економски придобивки и постепено да се приближува до Унијата, тогаш тоа несомнено е подобро од бескрајното чекање. Клучното прашање е што ако „постепено“ стане трајна состојба? Што ако никој повеќе не почувствува доволен политички притисок да го направи последниот чекор, полноправното членство?
Тука се отвора и уште една дилема, можеби најважната за Македонија.
Кос зборува за намалување на бројот на области во кои една земја може да ги блокира сите други. Ако ова навистина значи ограничување на можноста за блокади, тогаш Македонија би можела да очекува дека билатералните спорови нема засекогаш да бидат инструмент за запирање на нејзиниот европски пат.
Од друга страна, не може а да не се постави прашањето дали тоа ќе значи и крај на бугарските блокади со кои земјава сега се соочува. Македонските искуства со ЕУ говорат дека една работа е да се реформира одлучувањето во Унијата, а сосема друга е да се промени политичката волја на земјите членки да го користат своето влијание врз кандидатите.
Ако блокадата се префрли од една фаза во друга, проблемот нема да биде решен, туку само преместен. Ако Бугарија сега блокира поради наводни неисполнувања на обврските околу впишувањето на бугарското малцинство во македонскиот устав, утре таа блокада може да ја преформулира со лошо функционирање на правната држава. Класичен параван за блокада што ЕУ нема да може да ја игнорира бидејќи „владеењето на правото“ е клучниот кластер во преговорите за пристапување.
Особено внимание заслужува идејата за постепено вклучување во европските политики без целосно членство, што извесно време одредени лоби-групи го заговараат во Брисел. Во тој случај се наметнува прашањето, може ли Македонија еден ден да биде доволно „внатре“ за да ги чувствува обврските на Унијата, но недоволно „внатре“ за да има целосно право на глас? Тоа би била најголемата опасност од моделот.
Европа со повеќе концентрични кругови може да биде практична, но истовремено може да создаде и членки и партнери со различна тежина. И токму тука се појавува сомнежот за европска „втора лига“.
Кос предупредува дека новите членки мора да бидат спречени да станат „тројански коњи“ и дека Унијата мора да се заштити од назадување во демократијата и владеењето на правото. Тоа е разбирливо. Но ако заштитните механизми станат премногу силни, новите членки би можеле да влезат во Унијата со ограничен политички простор и со постојан ризик од дополнителни услови. Тогаш еднаквоста меѓу членките би постоела формално, но не нужно и политички.
А Македонија дополнително се соочува со прашањето зошто други кандидати се движат побрзо. Црна Гора е најнапредната во преговорите, Албанија бележи напредок во владеењето на правото, а Украина и Молдавија добиваат посебно политичко внимание. Украина, се разбира, има и безбедносна и геополитичка тежина што ја прави исклучок. Но тоа не ја намалува дилемата за Македонија.
Зошто земја што со години е во процесот на европска интеграција повторно останува во застој додека други кандидати добиваат нова политичка динамика? Можеби одговорот не е само во реформите, туку можеби во новата Европа геополитиката повторно станува исто толку важна колку и исполнувањето на условите.
Под лупа и финансиското прашање
Кос отворено зборува дека Унијата мора да внимава новите членки да не го нарушат буџетот и да обезбеди доволно средства за сопствените приоритети.
Тоа е можеби најмалку забележливата, но една од најважните кочници. ЕУ може политички да сака проширување, но финансиски да не биде подготвена за него. А кога парите ќе станат услов за брзината на интеграцијата, тогаш кандидатите повторно зависат од нешто што не го контролираат. Затоа новата методологија може да биде историска можност. Но може да биде и нова форма на одложување.
За Македонија суштинското прашање не е дали ќе добие повеќе европски придобивки пред членството. Прашањето е дали тие придобивки ќе бидат мост кон членството или замена за него. Зашто Европа во која сме економски и политички блиску, но без целосно право на одлучување, не е исто што и Европа во која сме рамноправна членка.
Оттука и најголемата дилема што ја остава планот на Кос. Дали Брисел конечно го менува начинот на кој нè внесува во Унијата или само го менува начинот на кој ќе нè држи пред нејзината врата? Одговорот на ова прашање ќе покаже дали новата методологија е скратен пат кон Европа или институционализирање на европската втора лига. С.Т.
Европски реформи што можат да го забрзаат, но и да го закочат проширувањето на ЕУ
- Земјите кандидати за ЕУ можат да се реформираат, но не можат да го реформираат Брисел. Не можат да влијаат врз расправите меѓу Франција, Германија, Холандија или другите членки за идната институционална структура. Не можат да влијаат ниту врз тоа колку пари ќе има во европскиот буџет. А токму буџетот може да биде една од најголемите пречки за процесот на интеграциите…
Европската Унија сака да го забрза проширувањето, но новата методологија што ја најавува Брисел носи и едно спротивно можно сценарио. Наместо процесот да стане побрз, тој би можел да стане уште посложен бидејќи наместо помалку услови, кандидатите би можеле да добијат повеќе фази. Наместо една голема врата кон членството, би можеле да добијат цел коридор со повеќе помали врати. Токму затоа идејата на Марта Кос треба да се разгледува и низ една поинаква призма.
Имено, Европската комисија сака да ја напушти логиката „сè или ништо“ и да понуди постепена интеграција. Тоа звучи практично. Кандидатите би добивале конкретни придобивки уште во текот на преговорите, а Унијата би можела постепено да ги интегрира во своите политики и механизми.
Но секоја нова фаза значи и нови правила. Секое ново правило значи ново оценување. А секое ново оценување отвора можност за ново политичко условување. Така, реформата, која треба да го скрати патот, би можела ненамерно да создаде уште подолг пат. Особено ако постепената интеграција не биде временски ограничена.
Тогаш кандидатите би можеле со години да бидат во некаков меѓустатус, доволно блиску до Унијата за да ги чувствуваат нејзините правила, но доволно далеку за да немаат еднакво влијание врз нивното создавање. Тоа би било европско приближување без европско членство.
Вториот проблем е самото одлучување. Кос најавува намалување на можностите една земја да ги блокира другите.
Од една страна, тоа е логичен одговор на искуството на Унијата. Со повеќе од 30 членки, консензусот во секое прашање може да стане практично невозможен. Но ако се намали моќта на една земја членка да блокира одлука, се отвора и прашањето што ќе се случи со принципот на еднаквост. Кој ќе одлучува за прашањата во кои националните интереси се судираат со интересите на поголемиот дел од Унијата? И уште поважно, дали кандидатите ќе знаат однапред во каква Унија влегуваат?
Денес преговараат со Унија во која консензусот има голема тежина. Утре би можеле да влезат во Унија со сосема поинаква архитектура на одлучување. Тоа не е мала промена.
Особено опасно би било ако реформата стане услов сама по себе за приемот на новите членки. Тогаш процесот на проширување би зависел не само од подготвеноста на кандидатите туку и од тоа дали самата Унија успеала да се реформира.
А тоа се две различни задачи. Имено, кандидатите можат да го реформираат своето законодавство, но не можат да го реформираат Брисел. Не можат да влијаат врз расправите меѓу Франција, Германија, Холандија или другите членки за идната институционална структура. Не можат да влијаат ниту врз тоа колку пари ќе има во европскиот буџет. А токму буџетот може да биде една од најголемите пречки.
Колку повеќе членки, толку повеќе средства ќе бидат потребни. Колку повеќе кандидати ќе напредуваат, толку поголем ќе биде притисокот врз кохезионите и земјоделските фондови.
Затоа зад институционалните објаснувања можеби се крие многу попрактична дилема, има ли Европа доволно пари за новото проширување? Ако нема, тогаш постепената интеграција може да стане погоден компромис. Кандидатите ќе добиваат дел од придобивките, но полноправното членство ќе се одложува до моментот кога финансиските услови ќе дозволат.
Тоа би било второто сценарио. Првото е оптимистичко: реформата го прави процесот пофлексибилен, го ограничува правото на блокада, им носи конкретни придобивки на кандидатите и постепено ги внесува во европските структури.
Второто сценарио е многу понепријатно. Брисел создава нов систем со повеќе нивоа, повеќе услови и повеќе заштитни механизми, а полноправното членство повторно останува далечна цел. Во таков случај, реформата нема да го реши проблемот со проширувањето, туку само ќе го направи пософистициран. И тука повторно се враќаме на Македонија.
Македонско горко искуство
Нашето искуство со европскиот процес нè учи дека не е доволно само да постојат правила. Важно е и кој ги толкува. Важно е кој има право да постави дополнително прашање. Важно е кој може да каже „не“. И најважно, дали политичката волја за проширување постои кога кандидатот ќе стигне до последната врата.
Затоа новата методологија не треба да биде само реформа на процедурата. Таа мора да биде гаранција дека процедурата нема повторно да стане изговор за политичко одложување.
Ако Брисел сака да го надомести времето што, според Кос, веќе го нема, тогаш мора да внимава да не создаде нови механизми што повторно ќе го произведуваат истото одложување.
Европа навистина мора да се подготви за повеќе од 30 членки. Но кандидатите не смеат да бидат колатерална штета на таа подготовка. Зашто реформата ќе има смисла само ако води кон една цел – побрзо и појасно членство. Ако произведе нови меѓустепени, нови услови и нови години чекање, тогаш Европа не го решила проблемот со проширувањето, туку само му дала ново име. С.Т.


































