СТАВ
Тодор Петров
Секоја година, во пресрет на одбележувањето на годишнината од Охридскиот рамковен договор склучен на 13 август 2001 година, се актуализира и темата за поделба на Македонија. Кој што предложил, кој што прифатил… дебатираат учесниците во дезинтеграциските процеси, ја доведуваат јавноста во заблуда… Муабетите се – како да си ја делат бавчата на дедо им… Од трговци со туѓи животи и имоти глумат хуманисти, човек и да ги жали за жртвата што ја правеле за државата и нацијата… Годинава, при одбележувањето на 25 годишнината на Охридскиот рамковен договор, повторно се огласија истите мегафони…
Лидерот на политичката партија Демократска унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, во интервју за албанскиот медиум A2Си-ен-ен, уште во април 2026 година изјави дека пред потпишувањето на Охридскиот рамковен договор бил разгледуван предлог за поделба на Македонија. Според неговите тврдења, тогашниот премиер Љубчо Георгиевски наводно понудил сценарио што предвидувало територијална поделба на државата, но тоа било отфрлено. Ахмети нагласи дека таков план би довел до сериозни судири и масовно раселување на населението, со што би бил загрозен животот на илјадници луѓе од двете етнички заедници. Тој додаде дека Охридскиот договор бил „најдобар можен компромис“ што спречил ескалација на конфликтот и обезбедил политичка стабилност. Според неговата изјава, предложеното сценарио за поделба би довело до големи демографски и територијални промени, со сериозни последици за населението во повеќе делови од земјата.
Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски уште на 8 септември 2021 година, во дневникот на Сител, коментирајќи ја 30-годишнината од независноста на земјата, како едно од најголемите премрежиња на државата го спомена конфликтот во 2001 година и идејата за размена на територии и население со Албанија, која не била само негова туку била иницирана и од академиците од МАНУ, кои потоа се повлекле. Целта била да не се влегува во војна со илјадници жртви, бидејќи, според сите индиции, меѓународната заедница повеќе им помагала на терористите отколку на државата.
Прашањето за тоа дали во 2001 година постоел план за поделба на Македонија повторно влезе во фокусот на трибината на ДУИ по повод 25-годишнината од Охридскиот договор, по старите изјави на поранешниот премиер и тогашен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, и изјавите на поранешниот премиер Владо Бучковски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и на Мендух Тачи од ДПА. Али Ахмети беше дециден дека во 2001 година во свои раце имал конкретен предлог за поделба на Македонија што го одбил. Според неговото објаснување, евентуалното решение не би ги опфатило сите подрачја со албанско население. Ахмети ги наведе Скопје, Куманово, Струга, Кичево, Прилеп и Велес како места што би останале надвор од таквата територијална поделба. Во едно поранешно интервју Ахмети тврдеше дека добил понуда за поделба, според која, липковскиот крај би припаднал во Косово, а Тетово и Гостивар во Албанија, при што тој ја поврзал понудата со тогашниот премиер Георгиевски и со идеи што ги застапувале одредени интелектуални и политички кругови.
Владо Бучковски, кој за време на 2001 година беше министер за одбрана, на истата трибина по повод 25-годишнината од Охридскиот договор потврди дека во текот на воената криза постоеле индиции дека теренот се подготвува за поделба, вклучително и преку поместување на населението и линиите на воените дејствија.
Во поранешни интервјуа, Љубчо Георгиевски велеше дека идејата што се разгледувала во 2001 година не била едноставно поделба на Македонија: „Со временска дистанца, можам да кажам дека идејата не беше за поделба на Македонија, туку за трампа на територии и население“. Според неговото сведоштво, во услови на војната се разговарало за можноста двете заедници да се разделат доколку не можат да продолжат да живеат во заедничка држава. – Ако Албанците не сакаат да живеат со нас, како во секој брак, каде што не одат работите, да пробаме да се разделиме – објаснуваше тогаш Георгиевски. Во македонската јавност за овие настани со години се поврзува и селото Групчин, како можна линија на разграничување. Во дел од политичките толкувања на настаните наводно се зборувало за идеја, западниот дел на Македонија да биде одделен од другиот дел од државата, при што Групчин се споменува како можна линија на поделба. Тука се споменува и МАНУ како носител на оваа идеја.
По објавувањето на сите овие информации се јави и Мендух Тачи, тогашниот втор човек на Демократската партија на Албанците (партија што беше дел од потписниците на Охридскиот договор, заедно со ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ПДП и претседателот на државата Борис Трајковски), тој ги демантира сите овие информации. Според него, не постоел документ со план за поделба на Македонија, а идеите за поделба ги поврза со тогашни структури на УДБА и со луѓе што се обидувале политички да ги претстават како реална стратегија. Тачи особено го отфрла тврдењето дека Арбен Џафери, еден од потписниците на Охридскиот договор и тогашен лидер на ДПА, или МАНУ имале конкретен документ со таков план.
– Тоа беше идеја на неколку псевдоакадемици инструирани од УДБА на Србија. Тоа не беше идеја на МАНУ, а ниту Арбен Џафери имал документ, затоа што таков документ не постои. На Али Ахмети тогаш УДБА му кажа: „Ова е патот по кој можеш да го урнеш политичкото организирање на Албанците“. И тој зборува неврзано, дека наводно постоел документ – изјави Тачи и најави и можни правни чекори против Ахмети доколку ваквите изјави продолжат.
– Го предупредувам уште еднаш: Ако продолжи да зборува вака, ќе поднесам тужба, во име на Арбен Џафери, бидејќи вакво обвинување е недозволиво – рече Тачи.
Но да фрлиме поинаква светлина на проекцијата за размена на територии и население. На 20 јули 2012 година, Светскиот македонски конгрес поднесе кривична пријава до јавниот обвинител на Република Македонија, против Љубчо Георгиевски, поранешен претседател на Владата на Република Македонија, за кривично дело загрозување на територијалната целина на државата од членот 307 на Кривичниот законик. Љубчо Георгиевски во периодот на 2001 година, како претседател на Владата на Република Македонија со мандат од 1998 до 2002 година, преземал дејствија за отцепување на територијата на Република Македонија и дел од таа територија да ја припои кон Република Албанија. Љубчо Георгиевски откако стапил во разговори со тогашниот премиер на Република Србија, Зоран Ѓинѓиќ, договорил дел од таа територија на општините Гостивар, Тетово и Дебар да се отцепи од Република Македонија и да се припои кон Република Албанија, а територијата на Мала Преспа, односно делови околу Преспанско Езеро, да се отцепи од територијата на Република Албанија и да се припои кон територијата на Република Македонија. Во реализацијата на таа цел Љубчо Георгиевски се обидел да го поттикне подносителот на кривичната пријава Тодор Петров како претседател на Светскиот македонски конгрес и академиците проф. д-р Никола Кљусев, проф. д-р Ѓорѓи Ефремов и Блаже Ристовски. Љубчо Георгиевски ги преземал горенаведените дејствија спротивно на уставната обврска како претседател на Владата на Македонија да ги штити уставниот поредок и територијата на Македонија, иако на 30 ноември 1998 година пред Собранието на Македонија дал свечена изјава дека ќе го чини тоа. За жал, јавниот обвинител ја отфрли пријавата. Велепредавството остана неказнето, ама за Македонците незаборавено…
По првиот мандат на повеќепартиското собрание на Македонија 1990-1994, по дисолуцијата на поранешна СФР Југославија, останав без работа, практично на улица… Залудни беа моите молби за вработување. ВМРО-ДПМНЕ, по расколот со Светскиот македонски конгрес во 1992 година и забеганоста на челниците на партијата кон софискиот врховизам, ме елиминира од јавната политичка сцена, брутално се пресмета со мене и со приврзаниците на Светскиот македонски конгрес.
Во 2001 година, ми се јавија од кабинетот на тогашниот премиер Љубчо Георгиевски.
Помислив дека премиерот ќе ми понуди работа. Кога пристигнав во кабинетот на премиерот во зградата на Владата, ме пречека со неколкумина. На работното биро имаше карти. Веднаш почна со опсервацијата: Знаеш Тодор, разговараме за размена на територии и население – Дебар, Гостивар и Тетово да припаднат на Албанија, а Мала Преспа да се припои кон Македонија. Ти имаш авторитет во јавноста, еднаш и ти зборуваше за размена на територии и население, па еве ти го директорот на „Нова Македонија“, напиши елаборација на оваа проекција на две големи страници во весниците „Нова Македонија“ и „Вечер“. Муабетот за мене беше шокантен.
Присуствував на разговори за територијална дезинтеграција на државата Македонија… Поставив прашање „Љубчо, оваа проекција е договорена со Албанија?“ Одговорот беше „Не!“ А, велам „Стои некоја голема сила позади ова?“ Одговорот повторно беше „Не!“ Па, му реков, „Како мислите да го реализирате ова?“ Одговорот беше „Ќе има една агенција во Битола за Албанците во Пелагонија, и една агенција во Тетово за Македонците во Полог. Албанците од Пелагонија ќе заминат во Полог, а Македонците од Полог ќе заминат во Пелагонија! Со размена преку агенциите во Битола и Тетово, за три месеци ќе биде сѐ готово! Албанците од Пелагонија ќе одат во куќите на Македонците во Полог, а Македонците од Полог ќе одат во куќите на Албанците во Пелагонија! Размената за три месеци ќе заврши!“ Возвратив „А, бе Љубчо, една куќа за три месеци не може да се исели, ти предлагаш трансфер на неколку стотини илјади луѓе и семејства. Па во Тетово, Гостивар и Дебар живеат повеќе Македонци од источна Македонија. Ти не предлагаш размена на територии и население помеѓу две држави, туку внатрешна редистрибуција на населението во границите на Македонија!“ Љубчо ме пресече „Па, нели и ти предлагаше размена на територии и население?“ Му реков „Љубчо, јас предлагав размена на територии и население во време кога за првпат во историјата започна територијалното разграничување и демаркација на границата помеѓу Македонија и Србија! Размената на територии и население не значи реципроцитет колку метри квадратни земаш, толку даваш, колку луѓе примаш, толку депортираш. Ние предлагавме во постапката за демаркација меѓу Македонија и Србија да се побара областа Гора на југот на Косово со Македонците и манастирот „Свети Прохор Пчињски“ да се приклучат кон територијата на државата Македонија, затоа што тие територии отсекогаш биле македонски! Ова не е исто со твојот предлог за внатрешна редистрибуција на населението!“ Реакцијата на Љубчо Георгиевски беше, наводно ти знаеш како да се спакува тоа пред јавноста, јавноста има голема доверба во тебе. На потпрашањето „А, што е со Мала Преспа?
Македонци не живеат само таму, туку и во областа Голо Брдо и Гора, низ целата територија на Албанија!“ Одговорот беше „вклучете се во издавањето македонски државјанства. Сите од Мала Преспа да добијат и македонско државјанство, сепарацијата на таа територија ќе биде полесно, бидејќи граѓаните веќе ќе имаат македонско државјанство!“ „Ама“, додадов „Македонци во Албанија нема само во деветте села на областа Мала Преспа туку и во областа Голо Брдо и Гора, Врбник, низ цела Албанија?!“ Следуваше одговор „македонско државјанство само за Македонците православни, никако за муслимани! МВР ќе операционализира, вие одработете сѐ на теренот!“
И како пратеник гласав за членот од Законот за македонско државјанство „македонско државјанство безусловно за сите Македонци во светот“, ја прифатив понудата да асистираме во постапката за добивање македонски државјанства, со забелешка за сите Македонци во Албанија независно од верското уверување.
Се разделивме, со барањето, да седнам и да напишам статија на оваа тема во весниците „Нова Македонија“ и „Вечер“. Си заминав избезумен од разговорите во премиерскиот кабинет. Бев возбуден, затоа што цело време зборувавме за обединување на Македонија, епилогот беше сепарација на дел и од она малку што остана од државата Македонија!
Сепак, не напишав ниту еден збор на оваа тема. Телефонот ми ѕвонеше безброј пати, не кренав, за да им одговорам што сум сторил со коментар на темата размена на територии и население. Кога увидоа дека не возвраќам, се откажаа од мене. Ама ги навлекоа академиците проф. д-р Ѓорѓи Ефремов, проф. д-р Никола Кљусев и Блаже Ристовски. Ѓорѓи Ефремов беше претседател на МАНУ. Штом ги видов тројцата академици на прес-конференција со предлог за размена на територии и население, јасно ми беше дека премиерот Љубчо Георгиевски ги вовлекол нив во ова велепредавство. Медиумите ги расчеречија за предлогот. Тогаш, академик Ѓорѓи Ефремов коментираше „зошто само против нас се фрлаат дрвја и камења, кога и пратеникот Тодор Петров беше со предлог за размена на територии и население!“ Му се јавив и му реков „Ѓорѓи, јас предлагав областа Гора и манастирот ’Свети Прохор Пчињски’ да ѝ припаднат на Македонија, а не дел од оваа мала територија на државата Македонија да се трампа со Албанија! Различен е предлогот!“
За среќа, овој предлог на Љубчо Георгиевски не помина. Пишан план за размена на територии и население јас не видов, можеби постоела некоја скица на нонпејпер, ама официјален документ немаше од ниту една институција, ниту од Владата, ниту од МАНУ.
Во неговата автобиографска книга „Тоа сум јас“ во издание на издавачката куќа „Лекс легис“, како и во интервјуто на 14 јули 2012 година за ТВ-Дневник-3 на Хрватската национална телевизија (ХРТ) околу неговата неодамна објавена автобиографија „Тоа сум јас“, и самиот Љубчо Георгиевски признава дека ги преземал овие дејствија, со што сторил кривично дело загрозување на територијалната целина од членот 307 на Кривичниот законик на Република Македонија!
Во автобиографијата „Тоа сум јас“, Љубчо Георгиевски уште тврди дека додека бил претседател на македонската влада (во мандатниот период од 1998 до 2002) со претседателот на Владата на Србија, Зоран Ѓинѓиќ, (со мандат од 21 јануари 2001 до 12 март 2003) двапати разговарал – државите Македонија и Србија, заедно да влезат во проект на размена на територии и население, при што од македонска страна требало општините Гостивар, Тетово и Дебар да се приклучат кон Албанија, за возврат Македонија да ја добие областа Мала Преспа и делови околу Преспанско Езеро.
Додека во Косово, требало само да се формализира поделбата, која тогаш почнала да функционира, но не била оцртана така како што денес де факто функционира.
Македонската јавност, на 15 јули 2012, како и хрватската на 14 јули 2012, повторно беа сведоци на шокантните изјави на поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски, во гостувањето на ТВ-Дневникот-3 на Хрватската национална телевизија (ХРТ) околу неговата неодамна објавена автобиографија „Тоа сум јас“.
Светскиот македонски конгрес побара јавниот обвинител на Македонија да поднесе кривична постапка против Љубчо Георгиевски, а бидејќи е државјанин и на Република Бугарија, поради опасност од бегство, СМК побара мерка притвор и мерка обезбедување на личниот имот.
Бидејќи СМК прв ја објави и веста дека Љубчо Георгиевски добил бугарско државјанство „по потекло“, за да го сврти вниманието на јавноста, објави едно гнасно клеветничко интервју на страница 3 во дневникот „Фокус“, на 27 јули 2012 година, со наслов „Тодор Петров го пречекувал Љубчо гол како Прометеј“. „Фокус“ ја дефокусира јавноста: „Љубчо после 19 години ја открива тајната зошто му е поднесена кривична пријава. Тодор Петров го дочекувал гол како Прометеј, со само една крпа на појасот, со образложение дека штотуку се истуширал“. И замислете, тоа се случило дури трипати?! На толку се сеќавал Љубчо Георгиевски… Дури и дал до знаење кои се разликите меѓу Александар Македонски и Тодор Александров. Која нискост и перверзија. Но освен за предавства и сплеткарења за ништо друго не го бива. Јасна е алузијата за Александар Македонски и Тодор Александров, неспоредливи двајцата, Љубчо Георгиевски со нив па никако, ама да го потсетиме на изјавите во 1990, кога Љубчо Георгиевски собираше симпатии: „Сакаме да го потсетиме Македонецот, дека токму од оваа наша почва македонска тргнаа војските на Александар Македонски и наметнаа една култура на цела Азија и Европа!“
На оваа клевета одговорив со демант: „Патем, каде се случила господине Георгиевски таа емотивна голотија? Кај мене дома? Ами ако првиот пат не ви се допаднало оти стојам пред вас гол, што мајка баравте дури трипати да доаѓате на голо кај мене на влезна врата? А, ако навистина тоа се случило, кај кого е емотивниот проблем, кај тој што бил дома гол, или кај тој што одел кај голиот, дури најмалку трипати кај него дома? Го прашав: ’Да, не е во прашање мојата емотивност, туку вашата сексуалност‘? Која одвратност од човек, кој, за жал, беше и ќе остане за навек само една голема маскота на туѓи и други центри за демонтажа на Македонија!“
Немав време за клевета по судови. Ама се редеа дежурни идиоти со „приказни“ за Тодор Петров наместо за велепредавството на Љубчо Георгиевски. Како и да е со муабетите, најважното е: Јавното обвинителство да ја обнови кривичната пријава со обвинителен акт против Љубчо Георгиевски, затоа што човекот, откога ја доби довербата со Александар Македонски во 1990 година, заговараше територијална дезинтеграција на Македонија од позиција на власт, денес е главен трабант на Софија против Македонија и македонскиот народ, со дедо просрпски ориентиран, а татко класичен Југословен… тој Бугарин. И Ванчо Михајлов бил српски даночен инспектор во Штип, а Доста Димовска со нејзината политичка партија Демократско-републиканска унија на Македонија (ДРУМ) предлагаше кантонизација на Македонија како Швајцарија на Балканот со четири кантони – српски, бугарски, грчки и албански, без Македонци! Рече дека зад таа програма на ДРУМ стои американската амбасада на Калето, која никогаш не го демантира тоа. Си умре Доста во Софија, остави пулени во Македонија… Го остави и другар ѝ Љубомир Фрчкоски, кој денес прави поткасти со Љубчо Георгиевски… Булумента невидена…. Наместо во Идризово, ги черечат Македонија и Македонците…


































