Телефон паднат во вода често завршува во сад или кеса со ориз – стар домашен совет што со години се пренесува како брзо решение за влагата. Но, производителите и сервисерите предупредуваат дека оризот не е најдобриот начин за сушење и во некои случаи може дополнително да го оштети уредот.
Епл (Apple) во официјалните упатства експлицитно советува мокар ајфон да „не се става во ориз“, бидејќи ситни честички можат да навлезат во приклучокот и да го оштетат телефонот. Наместо тоа, компанијата препорачува уредот нежно да се потчукне со приклучокот свртен надолу за да излезе вишокот течност, а потоа да се остави на суво место со добра циркулација на воздух. Целосното сушење може да трае и до 24 часа.
Епл предупредува и да не се користат фен, друг надворешен извор на топлина или компримиран воздух. Не треба ниту да се става хартија, стапче за уши или друг предмет во приклучокот. Особено е важно телефонот да не се полни додека приклучокот е влажен, бидејќи тоа може да доведе до корозија и трајно оштетување.
Слична е логиката и кај другите производители: кога телефонот ќе открие влага во приклучокот, полнењето се прекинува додека тој не се исуши. Кај Гугл (Google), упатствата за телефоните Пиксел нагласуваат дека уредот не треба да се суши со надворешен извор на топлина, бидејќи високата температура може да го оштети телефонот или батеријата.
Специјализираниот сервис за електроника Ајфиксит (iFixit) оди уште подалеку и го нарекува ставањето електроника во ориз мит. Нивното објаснување е дека сушењето само по себе не ги отстранува нечистотиите што течноста ги остава во уредот и не ја запира секогаш корозијата, особено ако навлегла вода подлабоко во телефонот.
Затоа, ако телефонот се намокри, најбезбедно е веднаш да се исклучи од кабел, да не се полни додека не биде сув и да се остави да се суши природно на проветрено место. Ако бил целосно потопен, ако во него навлегла солена или друга нечиста течност или ако по сушењето не работи нормално, подобро е да се однесе во сервис отколку да се потпирате на оризот.


































