ШАХ – ПРВА ЛИГА ЗА МАЖИ И ЗА ЖЕНИ
На едно коло пред крајот на Првата шаховска лига на Македонија што се играше во Струга, машката екипа на Гамбит Ассеко СЕЕ од Скопје го обезбеди второто место, за разлика од лани кога беше на третото место.
– Во директниот дуел, Алкалоид беше поуспешен со 3,5-2,5, што уште еднаш покажа колку е силна и изедначена конкуренцијата во македонскиот клупски шах. Најдобар поединец на Гамбит Ассеко СЕЕ беше ФМ Антон Златков (19), еден од најголемите македонски шаховски надежи, кој одигра фантастичен турнир и освои 7,5 поени од девет партии и со тоа ја освои и својата втора норма за титулата интернационален мајстор (ИМ). Уште поважно, Златков веќе ја надмина границата од 2.400 рејтинг-поени. За да ја освои престижната титула ИМ потребна му е уште една норма. Но амбициите на овој млад шахист се многу поголеми. Во периодот што следува Златков ќе се обиде да стигне до 2.500 рејтинг-поени и да освои уште две норми за титулата велемајстор (ВМ). Верувам дека заедно со ИМ Емил Ристески, уште еден од најголемите македонски шаховски таленти, Златков во наредниот период може да направи огромен чекор напред и да се обиде да ја надмине и границата од 2.600 рејтинг-поени – вели искусниот член на Гамбит Ассеко СЕЕ, ИМ Орце Данчевски.
Женската екипа на ГШК Неготино продолжува со одличните резултати.
– И годинава нашите девојки го освоија третото место на екипниот шампионат како и лани, веднаш зад шампионот Алкалоид и второпласираниот МШК Центар. Браво, девојки. Неготино се гордее со вас – изјави нивниот капитен, ВМ од Неготино, Трајко Недев.
Табела (мажи): Алкалоид 18 бода, Гамбит Ассеко СЕЕ 15, Фламуртари 12, Мулти Есенс 11, Нов Напредок 10, ГШК Куманово 7, Прилеп 7, Анпасан СЕШ 5, Гостивар 5, Шкупи 0. Табела (жени): Алкалоид 11 бода, МШК Центар 10, ГШК Неготино 8, Прилеп 7, Гамбит Ассеко СЕЕ 3, Цареви Кули 3, Капабланка 0. Г.И.

































