Најмалку 623 лица загинаа во поплавите што го погодија пограничниот регион меѓу Непал и Кина, соопштија денеска властите на двете земји. Во Непал се пронајдени 616 безживотни тела, додека во Кина бројот на загинати се зголеми на седум.
Повеќе од една третина од телата пронајдени во Непал биле откриени десетици километри од главната зона на катастрофата, во округот Читван, во јужниот дел на земјата, во близина на границата со Индија.
Во Кина, бројот на исчезнати лица е намален од 558 на 554. Во меѓувреме, непалските власти пријавиле 1.924 исчезнати лица, од кои 517 се странски државјани. Вкупно, според властите на двете земји, повеќе од 2.500 лица сè уште се водат како исчезнати.
Спасувачките екипи досега успеале да спасат повеќе од 4.400 луѓе во Непал, меѓу кои 149 странски државјани.
Непалската армија ги засили операциите за пребарување и спасување, но условите на теренот значително ја отежнуваат работата. Густата кал го попречува движењето и слетувањето на хеликоптерите, додека дел од луѓето остануваат заробени во планински тунели.
Непалскиот министер за надворешни работи Шисир Канал изјави дека земјата нема потреба од дополнителна странска помош во основните операции за потрага и спасување, но дека се потребни специјализирана експертиза и техничка помош.
Како приоритетни области тој ги наведе спасувањето на луѓето заробени во тунелите, воспоставувањето транспортни и комуникациски врски, идентификацијата на загинатите, ДНК-тестирањето и соодветното складирање на телата.
-Веќе поднесовме барања за такви специјализирани услуги и техничка помош во области каде што немаме доволно експертиза и техничко знаење – изјави Канал.



































