Фото: МИА

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, во интервју за израелскиот весник „The Jerusalem Post“, го истакна потенцијалот на Северна Македонија да се позиционира како важна влезна точка кон европскиот пазар за израелските туристи, компании и инвеститори, пренесе МИА.

Во рамки на неговата прва посета на Израел како министер, Муцунски посебно ја издвоил можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Тел Авив и Скопје или Тел Авив и Охрид. Според него, директната воздушна врска би придонела за зголемување на туристичката размена, олеснување на деловните контакти и зајакнување на економската соработка меѓу двете земји.

-Една од првите теми за кои разговаравме беше можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Тел Авив и Скопје или Тел Авив и Охрид, кој е нашиот главен туристички центар и град за кој верувам дека секој Израелец би сакал да го посети – истакнал Муцунски.

Шефот на македонската дипломатија нагласил дека потенцијалот за соработка не се ограничува само на туризмот. Стратешката географска положба на земјата, која се наоѓа на пресекот на европските транспортни коридори 8 и 10, како и инвестициите во енергетската инфраструктура, според него, создаваат услови Северна Македонија да биде влезна точка за израелските компании кон европските пазари.

Муцунски посочил дека земјата може да биде интересна и за израелските инвеститори, но и како пазар за извоз, нагласувајќи дека потенцијалот за ваква соработка сè уште не е целосно искористен.

Во разговорите биле разгледани и можностите за продлабочување на соработката во земјоделството, управувањето со водните ресурси, безбедноста, иновациите, туризмот, здравството и образованието, како и во инвестициите и одбранбената индустрија.

Муцунски оценил дека одличните билатерални односи со Израел треба да се надградат со поконкретни проекти и економска соработка во области од заемен интерес. Тој нагласил дека продлабочувањето на односите со Израел е меѓу приоритетите на надворешната политика на Владата.

Во тој контекст, како пример за засилените политички контакти меѓу двете земји била посочена и парламентарната делегација предводена од пратеничката Рашела Мизрахи, која во јануари остварила средби со претседателот на Кнесетот Амир Охана и други израелски претставници.

Според Муцунски, посетата на Израел претставува можност за дополнително зајакнување на позитивната динамика во билатералните односи, особено преку зголемена туристичка размена, посилни економски врски, инвестиции и нови можности за деловна соработка.