По повеќе од две децении најави, денеска официјално почна изградбата на автопатот Скопје-Блаце. Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека почетокот на реализацијата на проектот претставува историски момент, имајќи предвид дека со години беше најавуван како проект кој „само што не почнал“, пренесе МИА.
Мицкоски посочи дека изградбата на автопатот била еден од приоритетите на Владата уште од нејзиното формирање пред 25 месеци. Според него, новата автопатска делница ќе овозможи подобро поврзување меѓу Македонија и Косово, побрз транспорт и поголема размена меѓу двете земји.
Тој нагласи дека проектот е значаен и за стратешкото поврзување на земјава со европските транспортни коридори 8 и 10.
Мицкоски како особено значајно го истакна и тоа што градежните работи ќе ги изведува македонска компанија, оценувајќи дека со тоа се придонесува кон домашната економија и отворањето нови работни места.
Премиерот најави дека изградбата на патната инфраструктура ќе продолжи и со други делници. Тој очекува наскоро да започне и изградбата на делницата Букојчани-Кичево, која е дел од Коридорот 8.
Според најавите, во наредниот период во земјава би можело истовремено да се градат шест автопатски делници: Скопје-Блаце, Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани, Букојчани-Кичево, Кичево-Охрид и Прилеп-Битола.
-Ова е историски момент за граѓаните и за државата – порача Мицкоски, додавајќи дека преку капиталните инфраструктурни проекти Владата сака да создаде услови младите да останат во земјава, а дел од оние кои заминале да се вратат.
На настанот присуствуваше и премиерот на Косово, Албин Курти, кој истакна дека автопатот ќе претставува модерна инфраструктурна врска меѓу двете земји.
Курти посочи дека секојдневно голем број граѓани, студенти, работници и компании се движат меѓу Косово и Македонија. Според него, само преку граничниот премин Елез Хан годишно поминуваат околу 54.000 камиони, односно околу 150 дневно.
Тој оцени дека новиот автопат ќе го забрза и олесни протокот на луѓе и стока, а истовремено ќе создаде нови можности за развој на бизнисите и економска соработка меѓу двете земји.



































