Фото: Маја Јаневска-Илиева

Зајакнување на заложбите за интегрален систем околу два принципа: воден суверенитет и прехранбен суверенитет

Она што во иднина треба апсолутно да биде интегрирано во една интегрална визија/платформа/програма во која храната, водата, земјоделското земјиште, енергијата, шумите и климатската отпорност ќе се третираат како елементи со еднаков заеднички именител, тоа е сите наведени елементи да влезат во – ист национален систем.
Причина? Имено, денешната европска криза покажува зошто. Кога нема вода, нема сигурен принос. Кога нема принос, расте увозот. Кога расте увозот во услови на глобален недостиг, расте ранливоста. Затоа „Нова Македонија“ охрабрува и поддржува градење јавни политики околу два принципа, а тоа се:
1. воден суверенитет и
2. прехранбен суверенитет.

Тоа не значи изолација од светскиот пазар, туку значи способност државата да обезбеди минимално сигурно снабдување со основна храна дури и кога надворешните пазари се нарушени.

Краткорочно: Санирање на системот

Првата задача е да се направи национален попис на водата. Не декларативен, туку оперативен, и тоа во врска со акумулации, реки, подземни води, извори, капацитети за наводнување, загуби во мрежата, загадувачи, корисници и сезонска расположливост.

Вториот чекор мора да биде итна санација на постојните системи за наводнување. Нема економска логика државата да има потенцијал за наводнување огромни површини, а земјоделецот да нема сигурен пристап до вода. Организацијата за храна и земјоделство при ООН (ФАО) укажува дека значителен дел од постојната инфраструктура е во лоша состојба.

Трето, мора да се воспостави национална карта на стратешки земјоделски култури. Жито, пченка, сончоглед, компир, мешункасти култури, сточна храна, млеко, месо, овошје и зеленчук не можат да бидат оставени само на логиката „слободниот пазар ќе реши“. Пазарот да го оставаме да реши што е она што е попрофитабилно. Државата мора да одреди што е стратешки неопходно. Државата има специјализирани органи на управа за тоа или, пак, може уште повеќе капацитетно да ги засили.

Среднорочно: Нов македонски аграрен модел

Следната фаза треба да биде премин од субвенционирање кон стратешко производство. Државната поддршка треба да биде поврзана со вода, почва, принос, технологија и долгорочна продуктивност. Земјоделецот што инвестира во наводнување капка по капка, сензори, заштита на почвата, акумулација на вода и климатски отпорни сорти треба да има поголем и предвидлив стимул. Истовремено, мора да се забрза окрупнувањето на земјоделските парцели. Фрагментираното земјиште е економска и технолошка пречка; токму затоа ФАО и ЕУ веќе работеа на консолидација на земјоделското земјиште во Македонија. Натаму, потребна е земјоделска банка, бидејќи такво нешто немаме. Потоа, потребен е и национален фонд за климатски ризик во земјоделството. Државата не треба секоја година постфактум да спасува земјоделци по суша, град или поплава. Треба однапред да создаде систем на осигурување, ризични фондови и превентивни инвестиции.

Долгорочно: Македонија како водна и прехранбена тврдина

Најважната инвестиција не треба да биде во уште една субвенција. Треба да биде во национална водна инфраструктура за XXI век. Тоа подразбира нови и реконструирани акумулации таму каде што се оправдани, обновување на каналските системи, намалување на загубите, собирање дождовница, повторна употреба на прочистена вода каде што е безбедно и масовно воведување на прецизно наводнување. Но водниот суверенитет не значи само да имаме повеќе вода. Значи да ја зачуваме водата што ја имаме. Затоа заштитата на шумите, планинските сливови, мочуриштата и зоните на прихрана на подземните води мора да стане дел од земјоделската политика. Шумата не е само дрвна маса. Таа е инфраструктура за вода. Почвата не е само простор за садење. Таа е резервоар. Реката не е само ресурс за производство на струја. Таа е дел од националниот воден систем.

Стратешки резерви: Храната како национална безбедност

Македонија мора да има модерен систем на стратешки резерви од храна. Не само жито туку и семенски материјал, сточна храна, масла, протеински култури и критични земјоделски инпути. Европската Унија веќе развива механизми за следење на ризиците и за кризна подготвеност во земјоделско-прехранбениот сектор. Македонија треба да има своја верзија, со јасно определени минимални резерви и сценарија за 30, 90 и 180 дена нарушено снабдување. Тоа не е паника. Тоа е државно планирање.
Од увозник кон регионален снабдувач

Најамбициозната цел би била Македонија да не се задоволи со сопствена сигурност. Со правилна политика, земјата може да стане регионален производител на храна со повисока додадена вредност. Овошје и зеленчук, преработки, вино, органски производи, сушено овошје, конзервирана храна, семенски материјал и специфични земјоделски производи можат да бидат дел од таков модел.

Но предуслов е – водата. Втор предуслов е земјиштето. Трет е знаењето. Затоа Земјоделскиот факултет, научните институти, советодавните служби и самите земјоделци мора да станат дел од една национална мрежа за климатски отпорно земјоделство. А стручно знаење (know-how) од странство, би требало веќе да знаеме од каде е најефикасно, а таму е испратен и министерот за надворешни работи деновиве.

Визијата за 2040 година

Македонија треба да си постави мерливи цели до 2040 година. Да знае колкав процент од основните прехранбени потреби може да обезбеди домашно. Да знае колку вода има во секој слив и колку од неа е достапна во сушна година. Да знае колку хектари може сигурно да наводнува. Да знае колкави резерви на храна има и колку долго тие можат да го хранат населението. И секоја влада да има обврска да го мери напредокот според тие показатели. Тоа е суштината на суверенитетот (не декларацијата дека сме богати со вода и земја, туку способноста тие ресурси да ги претвориме во сигурност).
Европската суша можеби е предупредување. За Македонија, сепак, може да биде и пресвртница. Земја со малку капитал не може да си дозволи да го троши времето. Но земја со вода, плодна почва, сонце, земјоделска традиција и географска положба има нешто што во XXI век станува сè повредно. И токму затоа прашањето не е дали Македонија има потенцијал. Има, и тоа да го претвори потенцијал на национална моќ. П.Р.