Антиупатства за лична употреба
Во првата фаза од своето творештво, значи многу одамна, во кусиот расказ „Мистериозниот крај на Ѓорѓи Прчев“ младиот Прокопиев се обиде да скицира сценарио за познат македонски актер што необјасниво исчезнува од стварноста, за по неколку години да биде пронајден во болница за сиромашни во Калкута.
Неодамна си поставив прашање што ми заличи на тогашната инспиративна замисла – како би било да напишам подолга проза со мистерија за еден исчезнат сограѓанин, во која истрагата би се пробивала низ напластени маалски муабети, каде што би можел да се потрудам во сплетот на видливиот и скриениот, a можеби близок свет, да ги пронаоѓам трагите вo живoтот што чуда носи. Знаев, од сопствено искуство, дека е потешко да се создава долга проза наспроти расказ – премногу ликови, премногу празни страници што треба да се пополнат со дејства, надворешни или внатрешни…
Зарем така нема да ја разводенам првичната замисла? Колку е полесно да се пишува расказ! Од друга страна, пак, како доживотен вљубеник во истрагите на Херкул Поаро и инспекторот Мегре, се препуштам, уште од пубертетските фантазии па до денес, гледајќи добар трилер, на истрајното решавање на енигмите. И, најчесто, погодувам!
Мислам дека еден од моите долготрајни книжевни карактери, Хорацио Цвикало, има нешто од појавноста од инспекторот Мегре – крупен гурман, со изразита љубопитност, кого го препознаваат на улица (во случајот на Хорацио, по ТВ-рекламите за пиво, а не по театарските остварувања со кои тој се гордее). Можеби затоа тој и имаше улога во мојот ран криминалистички расказ „Случајот Горчин“. Но не како инспектор, туку како наратор. Расказот, во еден за мене многу мачен животен период, некако успеа да се адаптира во куса радиомонодрама, во која улогата на Хорацио ја одигра Ненад Стојановски. Во текот на снимањето, во едно од студијата на Радио Скопје, во неврзан муабет Ненад ми предложи да продолжам со серија приказни со криминалистичка тематика што Хорацио би ги коментирал. Таа симпатична замисла не успеав да ја остварам.
Додека, по неколку долги децении и наталожен број објавени книги, повторно во мене се закотви идејата за пишување новела со мистерија, „Необичен, обичен свет“, во која една скопска инспекторка би ја водела истрагата, а исчезнатиот би се појавил (многу кусо) на самиот почеток. Иако како противник на секоја централизација – политичка, економска и, секако, книжевна – спиралата кај авторските постапки ми е многу повозбудлива од пирамидалноста (затоа повеќе ме влечат раштрканите човечки судбини од оние херојските). И во оваа новела со мистерија би сакал таквиот обичен, необичен свет да се разоткрива преку низа ситуации поврзани со една истрага.
Признавам дека и во расказите сум склон кон отстапувања од основната линија на фабулата, токму со намера преку разноликоста на фрагментите, со двоумењето на скровитиот набљудувач во себе, да навлезам подлабоко во корист на целината, што би ми овозможило и во оваа новела да експериментирам со нејзините можности. Во новелата тој полислоевит, поширок простор може да инспирира уште поинтересни можности.
И така, во овој доцен час, повторно сум втопен во градењето интересни ликови во приказна чиј крај сѐ уште не го знам, а додека стигнам до него, ќе помине доста време. Но зарем писателот не е и детектив што трага по вистинските решенија во ракописот што се создава пред неговите возбудени очи?



































