Специјален настан посветен на Илинденка Петрушева на „Македокс“
Специјален настан посветен на Илинденка Петрушева (1944-2025), една од најзначајните македонски филмолози и филмски критичари, се одржа во Сули-ан“, со наслов „Така пишуваше Илинка,“ во рамките на „Македокс“.
Во нејзин спомен се одржа разговор со некои од нејзините најблиски соработници и наследници на нејзиното дело: Влатко Галевски, филмски критичар и модератор на разговорот; Саша Дукоски, доктор на правни науки, редовен професор и киноаматер; Петар Волнаровски, главен и одговорен уредник на списанието „Кинопис“ при Кинотеката на Република Македонија; и Русе Арсов, продуцент и програмски раководител на драмската програма при МКЦ.
– Илинка пишуваше со доверба во филмот како сложен уметнички јазик. Нејзините текстови ја откриваат внатрешната логика на делото и ги промовираат добрата мисла и аргументацијата. Таа ги истражуваше слоевите на филмот, ги артикулираше значењата и создаваше водичи што продолжуваат да важат и денес, како активни инструменти за разбирање и паметење на филмската уметност – пишува Галевски во текстот за каталогот.
На настанот во „Сули-ан“, Галевски го почна разговорот со своја лична констатација дека почитува четири македонски филмски творци, а тоа се режисерот Кирил Ценевски за филмот како уметност, Стефан Сидовски-Сидо за филмот како опсесија, Георги Василевски за филмот како теорија и Илинденка Петрушева за филмот како љубовна радост.
– Благодарение на Илинка, историјата на македонскиот филм е спасена од заборав. Таа ја читаше и ја откриваше, практично ја создаваше – секој документ, секој запис, секоја анализа беше дел од еден жив процес на зачувување и артикулирање на културното наследство. Текстовите што ги остави зад себе претставуваат промислени записи со долгорочна важност – записи што ја чуваат меморијата на филмот и ја артикулираат неговата смисла. Во тој процес, Илинка дејствуваше како архитект на архивската мисла, со свест дека архивата е жив систем на значења, кој обезбедува трајни ориентири за идните читатели и истражувачи – напиша Галевски.
За односот на Илинденка Петрушева кон непрофесионалниот филм зборуваше д-р Саша Дукоски, кој истакна дека таа беше великан што неколку генерации филмофили ги издигна од филмски аматери во луѓе што вистински го сакаат филмот. Тој кажа дека со Илинка службено се запознал во 1998 година, кога учествувал на Фестивалот на непрофесионален филм во Битола. Од основањето на Фестивалот во организација на Киносојузот на Македонија досега биле селектирани околу 2.000 аматерски филма. Во сите комисии за селекција на филмовите учествувала Петрушева и преку тоа се гледа нејзиното влијание во развојот на аматерскиот филм во Македонија.
За создавањето и публикувањето на единственото специјализирано списание за филм и филмска култура „Кинопис“ зборуваше Петар Волнаровски, кој ја наследи Илинка на позицијата уредник на списанието. Поради професионалноста и прецизноста со која Илинка му пристапувала на пишувањето на филмолошките текстови и филмските рецензии, Волнаровски рече дека сите ја нарекувале „учителката“, а самиот тој ја сметал за „втора мајка“. Во професионалната комуникација секогаш имало и чувство на фамилијарност, што соработката ја правело уште подлабока и посуштинска. Тој истакна дека формулата по која Илинка го уредувала „Кинопис“ целосно функционира и по нејзиното заминување, а нормите, критериумите и вредностите што таа ги востановила од создавањето на списанието се почитуваат и денес. С.Ј.



































