Повеќе од четири часа тимот градежни вештаци, предводен од професорот на Градежниот факултет при УКИМ Горан Марковски, одговараше на вкрстените прашања на одбраната на денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, пренесе МИА.
Вештаците, кои го изработиле градежното вештачење на Обвинителството, одговараа на прашања поврзани со пренамената на објектот, градежните активности, издавањето одобренија и лиценци, како и со надлежностите на градежните инспектори.
Особено внимание беше посветено на прашањето дали градежен инспектор може и по ставањето на објектот во функција да изврши увид и да реагира доколку утврди пренамена, доградба или други измени.
Вештакот Марковски посочи дека градежниот инспектор има и право и обврска да реагира не само во текот на изградбата, туку и откако објектот ќе биде изграден и пуштен во употреба.
-Судбината на објектите од издавање на дозвола за градба, па сè до негово уривање е во надлежност на градежен инспектор, без разлика која дејност во него се врши – нагласи вештакот.
Во однос на почитувањето на Деталниот урбанистички план, тој објасни дека надзорот над спроведувањето на законите за урбанистичко планирање е во надлежност на државниот градежен инспекторат, додека општините преку издавањето одобренија за градба и доградба го спроведуваат ДУП-от на конкретни локации.
Вештаците се осврнаа и на причините за брзото ширење на пожарот. Според нивното вештачење, несоодветниот избор на материјали за градба придонел за брзото ширење на огнот, но причините за самото настанување на пожарот не биле предмет на градежното вештачење.
На прашање за пренамената на објектот, вештакот посочи дека согласно Законот за градење, барањето за пренамена треба да го поднесе сопственикот на објектот.
Во текот на рочиштето дојде и до расправа меѓу обвинителот Борче Јанев и обвинетиот Николчо Коцев околу прашањата поврзани со одговорноста на институциите и издавањето одобрение за градба.
Во паузата од судењето, родители на жртвите реагираа на текот на вкрстеното испрашување. Тие оценија дека наместо јасни прашања со кои би се провериле наодите од вештачењето, се поставуваат долги и повторливи прашања.
-Фактите се побиваат со факти, вештачењата со аргументи, а времето, очигледно, со прашања без крај – изјави Александар Наунов.
Случајот за пожарот во „Пулс“ се наоѓа во доказна постапка. По завршувањето на градежното вештачење и распитот на вештите лица, се очекува да заврши изведувањето на доказите од Обвинителството, по што одбраната ќе започне со изведување на сопствените докази.
Судењето продолжува на 1 септември, со дополнително вкрстено испрашување на градежните вештаци од страна на одбраната на останатите обвинети.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.




































