Фото: В.М.

Вие ни пишувате

Со врачување на сертификатите за учество, пред родната куќа на писателот, денеска во неговото родно село Црвена Вода заврши традиционалната манифестација – Балкански поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“.

Манифестацијата е во организација на Здружението за литература и култура „Мацково“ од Охрид, а на годинашното издание учествуваа млади поетски таленти од Македонија, Србија, Бугарија и Албанија.

Учесниците ја разгледаа„Спомен-собата на Ванчо Николески, каде што особено внимание им привлече оригиналното самарче од култниот роман на Ванчо Николески „Волшебното самарче“, во кој авторот опишува реални случувања од времето на Втората светска војна и фашистичката окупација. Претходно учесниците ги прими и им посака плодно создавање, другарување и зближување градоначалникот на општината Дебрца, Златко Сиљаноски.

Тој ги запозна со резултатите и целосниот пресврт во функционирањето на локалната самоуправа, реконструкцијата и ревитализацијата на многубројните спомен-обележја во регионот Дебрца, првата слободна територија во 1943 година. Неговите гости најмногу ги израдува намерата, наскоро, по спроведувањето на потребните процедури, едно од училиштата во Дебрца да го носи името на Ванчо Николески. Во Црвена Вода месното население им приреди селска трпеза од традиционална храна, за што со свој прилог ги почести и градоначалникот Сиљаноски.

Учесниците имаа и голем број други активности, а во текот на целиот камп за тајните на поетското создавање ги подучуваше поетот, проф. д-р Христо Петрески.
Беа примени и запознаени со дејноста на НУ – Библиотека „Григор Прличев“, една од најстарите и со најбогат книжевен фонд во Македонија и пошироко, каде што истовремено проследија предавање за животот и делото на таткото на глобализацијата Михајло Пупин, кое го одржа најголемиот проучувач и познавач на овие простори, професор д-р Павле Митрески.

Имаа можност да ги разгледаат најзначајните споменици на македонската историја, култура и писменост во старото градски јадро, додека во КИЦ „А. ден Долард“ проследија предавање за најплодниот холандски автор, меѓу другото и на култниот роман „Свадба во Охрид“. Инаку, А. ден Долард е еден од првите промотори на Охрид во светот во минатиот век.

Младите поетски пера гостуваа и на еден од настаните од 38. издание на манифестацијата „Поетската ноќ во Велестово“.

Балканскиот поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“ се одржува со финансиска поддршка на Општина Охрид и Општина Дебрца.

Веле Митаноски