Фото: Маја Јаневска-Илиева

Европа ја поместува границата на староста

  • Стареењето на населението го менува пензискиот модел во Европа. Генерациите што денес влегуваат на пазарот на трудот ќе работат
    подолго од нивните родители, а европските држави бараат нов баланс меѓу одржливоста на системите и правото на достоинствена старост
  • Пензијата во Европа веќе не е фиксна животна точка, туку променлива категорија што сè повеќе зависи од демографијата, животниот век и од финансиската стабилност на државите. Новите проекции на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) покажуваат дека идните генерации Европејци ќе мора да останат подолго на пазарот на трудот. До крајот на 2060-тите години просечната пензиска возраст во Европската Унија ќе се приближи до 67 години-66,9 години за мажи и 66,6 години за жени

Европскиот пензиски систем се наоѓа под силен притисок. Причината не е само економска туку пред сè демографска. Населението старее, бројот на лица што примаат пензија расте, а бројот на работоспособни лица што ги финансираат пензиските фондови се намалува.

Европа влегува во ерата на подолг работен век

Според анализата на податоците за 32 земји и извештајот „Пензиите на прв поглед 2025“ („Pensions at a Glance 2025“) на ОЕЦД, просечната нормална пензиска возраст во Европската Унија, која денес изнесува околу 64,7 години за мажи и 64 години за жени, ќе се зголеми за повеќе од две години во следните децении. Проекцијата се однесува на генерацијата што во 2024 година започнала работа на 22-годишна возраст, со претпоставка за непрекината кариера. Тоа значи дека оние што денес се на почетокот од својот професионален пат најверојатно ќе заминат во пензија кон крајот на 2060-тите години. Овој тренд не е случаен. Зголемувањето на пензиската возраст стана една од најчестите мерки со кои владите се обидуваат да ги зачуваат пензиските системи без директно намалување на пензиите.

Данска ја поставува
највисоката граница – пензија дури на
74 години?!

На европската мапа на идните пензии најдрастичен пример е Данска. Доколку се реализираат сегашните проекции, Данците што денес влегуваат на пазарот на трудот би можеле да се пензионираат на 74 години. Тоа би била највисоката пензиска граница во Европа. Зад Данска следуваат Естонија со 71 година, а околу 70 години се очекува да достигне пензиската возраст во Италија, Холандија, Шведска и во Кипар. Овие бројки покажуваат дека европскиот модел постепено се оддалечува од традиционалната претстава дека пензијата започнува непосредно по 60-тата година од животот. Во иднина, долг работен век може да стане нормален дел од животниот циклус. Сепак, данскиот пример покажува дека ова прашање не е едноставно. Тамошната политика веќе размислува за можни корекции на директната поврзаност меѓу животниот век и пензиската граница, што би можело да значи дека крајната возраст нема да достигне токму 74 години.

Меѓу европските гиганти: Италија оди најдалеку, Франција останува
поумерена

Разликите меѓу европските држави се значителни. Од најголемите европски економии, Италија се издвојува со највисока проектирана пензиска возраст за мажите – 70 години. Следуваат Велика Британија со 68 и Германија со 67 години. Франција и Шпанија ќе останат на пониски нивоа. Во двете земји проектираната граница за мажите ќе биде околу 65 години. Но зад овие бројки стојат различни модели. Некои земји избираат постепено зголемување на возраста, други комбинираат промени во придонесите, формулите за пресметка и условите за пензионирање. Европа, всушност, не бара едно решение, туку различни одговори на ист проблем, односно како да се обезбедат доволно средства за сè подолгиот период на пензионирање?!

Жените ќе работат подолго и дали тоа значи родово изедначување?!

Особено значајна промена се случува кај жените. Додека во минатото многу европски земји имаа пониска пензиска возраст за жените, трендот е кон изедначување на условите. Според ОЕЦД, во 24 од анализираните земји се очекува зголемување на пензиската возраст за жените. Данска, Холандија, Исланд и Норвешка веќе имаат висока граница од 67 години, а во иднина Данска повторно ќе биде на врвот со 74 години. Италија, Шведска, Холандија и Кипар би можеле да достигнат 70 години. Најголем скок кај жените се очекува во Турција – од 49 на 63 години, што е зголемување од 14 години. Значителни промени ќе има и во Данска, Италија, Естонија, Словачка и во Кипар. Полска ќе остане исклучок во Европската Унија со најниска пензиска возраст за жени – 60 години.

Турција – пример за најголема промена

Додека северноевропските земји постепено ја поместуваат границата поради подолгиот животен век, Турција претставува најголем пример за радикална промена. Мажите што денес имаат пензиска граница од 52 години ќе се соочат со зголемување до 65 години. Кај жените промената е уште поголема – од 49 на 63 години. Тоа значи дека во една генерација работниот век ќе се продолжи за повеќе од една деценија.

Што значи европскиот тренд за Македонија?

Прашањето за пензиите е особено чувствително и во Македонија. Како и европските држави, и македонскиот пензиски систем се соочува со предизвици поврзани со стареењето на населението, бројот на пензионери и одржливоста на финансирањето.
Европското искуство покажува дека зголемувањето на пензиската возраст е само една од можните алатки. Другите опции се зголемување на придонесите, промена на формулите за пресметка или ограничување на растот на пензиските расходи. Но секоја промена има и социјална цена. Подолгиот работен век може да биде полесно прифатлив во професии каде што физичкиот напор е помал и каде што постои можност за продолжување на кариерата. Но за работници во тешки индустрии, градежништво, земјоделство или други физички професии, дополнителните години работа претставуваат сериозен предизвик.

Демографијата го пишува новото правило

ОЕЦД предупредува дека стареењето на населението ќе продолжи со забрзано темпо. Во земјите членки на организацијата, бројот на лица над 65 години во однос на 100 лица на возраст од 20 до 64 години ќе се зголеми од 33 во 2025 година на 52 во 2050 година. Само за споредба, во 2000 година тој однос бил 22 лица. Оваа промена ја менува целата логика на пензиските системи. Во времето кога тие биле создадени, бројот на работници што финансирале еден пензионер бил значително поголем. Денес тој баланс се нарушува.

Пензијата во иднина…

Европската дебата за пензиите повеќе не е само прашање на бројки. Таа е прашање за тоа како ќе изгледа животот во староста.
– Дали луѓето ќе можат да работат до 70 години?
– Дали компаниите ќе бидат подготвени да вработуваат и да задржуваат постари работници?
– Како ќе се заштитат оние што поради природата на професијата не можат да останат активни толку долго?
Одговорите на овие прашања ќе го определат идниот изглед на пензиските системи. Европа веќе го прави својот избор. Подолг животен век најверојатно ќе значи и подолг работен век. Прашањето што останува е дали државите ќе успеат да ја направат таа промена праведна – така што пензијата нема да биде само финансиски одржлива туку и човечки и хумано достижна, и како квалитетен животен век, а и како морално-етичка категорија (достоинствена старост). Е.Р.