Европската интеграција на Македонија и на Западниот Балкан е не само политичко и техничко, туку и европско безбедносно прашање, порачала денеска македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова во вилата „Билјана“ во Охрид, на средбата со чешкиот вицепремиер и шеф на чешката дипломатија, Петр Мацинка.
Како што соопшти претседателскиот Кабинет, на средбата констатирале дека македонско-чешките односи се одликуваат со традиционално пријателство, засновано врз меѓусебна почит и разбирање. Во делото на просветителите „Св. Кирил и Методиј“ препознаваат вредно заедничко наследство со огромна обединувачка моќ.
Главна тема на разговорот бил долгиот пат на земјава како и на Западниот Балкан кон Брисел. Силјановска-Давкова притоа укажала дека дводеценискиот кандидатски статус за членство во ЕУ, не произлегува од неусогласеноста со европското право и пракса, туку од блокадите на некои соседи од ирационален идентитетски карактер.
Министерот Мацинка оценил дека местото на земјата е во Европската Унија. Според него, на Чешката и се потребни сојузници со слично минато, менталитет и култура, пренесе МИА.
Претседателката се заблагодарила за чешката принципиелна и континуирана поддршка изразена преку иницијативата „Пријатели на проширувањето“, како и преку ангажманот на Чешка во рамките на Вишеградската група и форматот Славков, се додава во соопштението.


































