Во земјава во моментов се потврдени 35 случаи на западно-нилска треска, додека три случаи се суспектни и се во процес на дијагностицирање. Шест пациенти се во критична состојба и се лекуваат на одделите за интензивна нега на Инфективната клиника, информираше денеска министерот за здравство Сашо Клековски, пренесе МИА.
Најголем дел од пациентите со потврдена инфекција се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, додека еден пациент се лекува во приватна здравствена установа.
Според Клековски, досега од западно-нилска треска починале три лица, а 15 пациенти оздравеле и биле отпуштени од Клиниката за инфективни болести.
Министерот посочи дека Атина во моментов е едно од најактивните подрачја во Европа кога станува збор за западно-нилската треска. Во Грција досега се регистрирани 81 случај на невроинвазивна форма на болеста и девет смртни случаи, а случаи веќе има и во пограничните области со Македонија.
Клековски информираше дека здравствените установи се подготвени за зголемен број случаи и дека значително е зголемен капацитетот за дијагностика.
Додека во изминатите години се правеле околу 40 анализи годишно, сега се спроведуваат меѓу четири и осум анализи дневно. За конечна потврда на дијагнозата, како што објасни министерот, потребни се два независни теста.
Дополнително, здравствените работници кои можат да дојдат во контакт со пациенти со сомнение за инфекција се веќе информирани за препознавање и дијагностицирање на болеста. Известени се инфективните одделенија, матичните лекари, семејните лекари, како и Клиниката за неврологија и невролозите.
Во однос на географското мапирање на случаите, Клековски нагласи дека треба да се прави разлика меѓу местото на живеење на пациентите и местото каде што реално се заразиле со вирусот.

































