Фото: МВР/илустрација

Во координирана акција на надлежните институции од Македонија, Косово и Грција, денеска во Солун е разбиена меѓународна организирана криминална група вклучена во недозволена трговија со дрога.

Според информациите од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), во акцијата биле уапсени еден македонски и еден косовски државјанин.

При контрола на товарно возило, грчките власти откриле 324 килограми марихуана, скриени во осум палети со хартија, кои биле транспортирани во приколката на камионот.

Паралелно со акцијата во Грција, по наредба на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, Одделот за криминалистичка полиција спровел претреси на повеќе локации во државата. Целта била да се утврди дали во случајот се вклучени и други лица, како и да се обезбедат дополнителни докази поврзани со кривичното дело.

Од Обвинителството посочуваат дека акцијата е резултат на долгогодишната и координирана соработка меѓу институциите од трите земји во борбата против организираниот криминал и недозволената трговија со наркотични дроги.

Надлежните институции најавуваат дека истрагата продолжува и дека во наредниот период се очекуваат дополнителни информации за случајот.