Квотите за упис на студенти во прва година се намалени на сите универзитети поради неусогласеноста меѓу образовниот систем и потребите на пазарот на трудот, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Во интервју за МИА, таа посочи дека годинава на сите универзитети се намалени околу 2.000 места за упис, но нагласи дека сите идни студенти ќе имаат можност да се запишат на посакуваните студиски програми.
Според Јаневска, најголемо намалување има кај студиските програми од областа на бизнис-администрацијата, јавната администрација, економските и правните науки, како и кај одредени медицински струки, каде што е забележан поголем број невработени.
Од друга страна, техничките науки, информатиката, машинството и градежништвото ги задржуваат речиси истите квоти, бидејќи вработливоста кај овие профили достигнува меѓу 98 и 99 проценти.
Министерката очекува до крајот на месецот да продолжи расправата за трите закони од областа на високото образование и науката, кои во моментов се блокирани во Собранието.
Таа изрази уверување дека политичките несогласувања нема да го попречат носењето на законите, имајќи предвид дека тие се од особено значење за студентите и академската заедница.
Јаневска најави и дека од новата академска година студентите повторно ќе можат да се сместуваат во реконструираните студентски домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“. Домот „Стив Наумов“ ќе почне да прима студенти од 1 октомври, додека „Кузман Јосифовски-Питу“ се очекува да биде отворен од 1 ноември.
Сместувањето во реновираните студентски домови ќе биде по нови цени. Во „Стив Наумов“ месечната партиципација ќе се зголеми од 3.500 на речиси 6.000 денари.
Во интервјуто, министерката се осврна и на состојбата со учебниците, истакнувајќи дека нивната дистрибуција е при крај и дека нема да има недостиг во учебната 2026/2027 година.
Во однос на бројот на првачиња, Јаневска рече дека засега се регистрирани над 4.000 ученици помалку во споредба со минатата година, но додаде дека бројките не се конечни и дека се очекуваат дополнителни уписи до крајот на септември.

































