Фото: МИА

Водата од градскиот водовод во Гостивар од денеска повторно е безбедна за пиење, соопштија на заедничка прес-конференција претставници на институциите надлежни за следење на квалитетот на водата.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и шеф на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов, информираше дека ограничувањето за употреба на водата за пиење е укинато.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, изјави дека одлуката е донесена по добиените резултати од лабораториските анализи спроведени од Институтот за јавно здравје и лабораторијата на ЈП „Водовод и канализација“ од Скопје.

Примероците биле земени од седум мерни места во понеделникот и вторникот, а анализите покажале дека водата ги исполнува сите пропишани стандарди.

 – Последните добиени резултати од лабораториските испитувања потврдуваат дека водата е микробиолошки и физичко-хемиски исправна. Со тоа се исполнети условите водата од водоснабдителниот систем во Гостивар повторно да се користи за пиење – изјави Миланов.

Тој појасни дека водата била микробиолошки исправна уште минатата недела, но анализите покажале зголемено присуство на резидуален хлор, што било последица на засилената дезинфекција на водоводниот систем.

Во контролите, покрај Институтот за јавно здравје и Агенцијата за храна и ветеринарство, биле вклучени и Центарот за јавно здравје во Тетово и ЈП „Комуналец“ од Гостивар.

Институциите препорачуваат комуналното претпријатие да го зголеми производството на сурова вода во согласност со расположливите капацитети, а на граѓаните им советуваат да ја остават водата да истече неколку секунди пред употреба, особено ако чешмите подолго време не биле користени.

Воедно, беше упатен апел до граѓаните рационално да ја користат водата, особено во периоди на зголемена потрошувачка.