Рецензија
Кон сликарството на Jордан Ѓорчев
Прашањето за границите на уметничкото дело се проблематизира на разни начини, од повеќе автори и од повеќе аспекти. Особено во сферата на ликовната уметност и на визуелните медиуми ситуацијата е доста специфична. Во линеарниот поредок, кој историскиот наратив за уметноста го гради пред сѐ во термините еволуција и прогрес, уметничките појави, стилови, движења, струи или идеи следуваат едни по други на патеката тајмлајн, а меѓусебно се поврзани со различни односи, влијанија, причини и последици, акции и реакции.
Појавата на Јордан Ѓорчев на уметничката сцена датира од поодамна, но во последниов период од неговото уметничко творештво особено импонира неговиот сликарски опус. Уметничкиот стил во овој вид на сликарство се движи на линијата на апстрактниот експресионизам, оној од времето на својата експанзија некаде по Втората светска војна, особено со појавата на Џексон Полок. Сликарската постапка на авторот се развива од пиктурален пуризам до контролиран гестуализам што несомнено припаѓа на сегментот карактеристики на претходно споменатиот правец во сликарството. Ѓорчев слика со густи потези на бојата во техниката акрил на платно, апстрактни композиции со на моменти див, на моменти хармоничен ритам и пулсирачки колористичко-контрастен израз. Сликите изобилуваат со неверојатен латентен динамизам, со скриена еруптивност, така што реципиентот може да го почувствува и протокот на времето, кое во спацијалните уметности, во кои спаѓа и сликарството, е ставено во втор план.
Со префинет сликарски ракопис авторот пристапува од извесна критичка дистанца кон наративното и дескриптивното и низ сликарско-поетска транценденција нѐ воведува во рационално-емоционалниот универзум. Според генијалниот Павле Флоренски, целта на уметникот е да ја преобрази стварноста, а бидејќи стварноста според него е посебна организација на просторот, тогаш преобразувањето на стварноста подразбира и просторна реорганизација. Токму затоа е многу важен методолошкиот пристап кон реализацијата и конституцијата на просторот на сликата. Хроматската структура на сликите на Ѓорчев се движи од најсветли тонски вредности, кои ги акцентираат виталните точки на композицијата, па до потемни валерски тонови, кои нѐ водат кон метафоризирање и влегување во помалку или повеќе ониричната и мистичната иконографија на слоевитиот простор на длабочината.
Она што претставува својственост или карактеристичен белег на ова сликарство е синергијата помеѓу самата слика и насловот на сликата. Насловот просто е сраснат со сликата и многу често може да се чита и како паранеза или максима. Најмалку што може да се каже е дека претставува некаков вид на поетска минијатура или литерарна минималистичка форма што може да се чита и, независно од сликата, да има и своја целосна и автономна артикулација, но секако дека кога е вкомпониран во сликата добива дури и своја комплементарна функција и едноставно го прави мозаикот целосен.
Сликите од авторот се со исклучително филтрирана и рафинирана естетика. Може да се третираат и како теориски скици или идеи настанати од (заумен) интуитивен (раз)ум или од ништото, преточени во боја, композиција, структура.
Создавајќи во духот на нефигуративната уметност, авторот се дистанцира од каков и да е миметички пристап кон уметноста, а со тоа и од реалистичен приказ на светот. „Минималната употреба на предметното во апстракцијата треба да се сфати како најсилно дејствување на реалното“, вели големиот Василиј Кандински во својот текст „За проблемот на формата“ и додава дека со бришењето на предметните форми се открива внатрешниот звук на сликата.
Еден впечаток не смее да не се спомене. Имено, и покрај мноштвото создадени слики во еден стил или во духот на апстрактниот експресионизам, согледливо е непостоењето на мотивска репетитивност кај авторот на овие дела, што значи дека секоја од сликите дефинитивно има свое оригинално обележје и претставува единственост во однос на авторовиот уметнички ракопис. Ѓорчев не се прашува што создава другиот, туку неприкосновено пристапува кон чинот на уметничко создавање и тоа го прави на оригинален и бравурозен начин.
Сликите на Јордан Ѓорчев реферираат на автор што е во полна животна зрелост, во период кога генијот зборува како мудрец, упатуваат на некој што од повластена позиција влегува во уметничка авантура, кај кого prudentia и virtus се во чудесна симбиоза и уметничката храброст значи и креативна доблест. Тргнувајќи оттука станува очигледно дека местото на сликите на Јордан Ѓорчев е во најпознатите светски галерии и музеи, бидејќи на спонтан начин ни ги откриваат проѕирките кон возвишеното и со тоа нѐ упатуваат кон самите врвови на светската уметност.
Македонија има автор што е несомнено дека неуморно, доследно и конзистентно твори, создава свој уметнички свет, дискретно мистичен и провокативен, ненаметлив, но привлечен, комуникативен и доволно податлив, естетски суптилен и издржан. Творечката интенција нѐ води до еден префинет сензибилитет за уметничка креација, кој предизвикува, ја бранува и молчешкум ја освојува убавината. Сликите на Јордан Ѓорчев се со исклучително висок уметнички квалитет, ги освежуваат сетилата на восприемачот и создаваат неповторливо естетско доживување и возбуда.
Кирил Трајчев
































