Креативно лето (9)
- Драги читатели, долгото топло лето сѐ уште трае. Знаеме дека имате доволно време за игри во природа, за дружба, забава и за уживање. Бидејќи „Колибри“ цело лето другарува со вас, подготвивме интересна рубрика за да ви бидеме привлечни. Во „Креативно лето“, во секој број, со интересни активности ве изненадува психологот Нина Попадинова. Нашето катче е наменето и за родителите и за децата и сигурни сме дека ќе пронајдете заедничко задоволство и уживање. Потребно е да ги
следите упатствата и лесно да ја реализирате предложената игра
Оваа едноставна, но многу ефективна активност ги поттикнува децата да ги развиваат концентрацијата, вниманието и координацијата преку игра. Детето има една чаша на едната рака, а друга на другата рака и измешани топчиња во две бои пред него. Задача е со едната рака да зема од топчињата едно по едно и да ги префрла во соодветната чаша според нивната боја. За успешно извршување на задачата се потребни внимателност, прецизност и добра координација на движењата.
Активноста може да се усложни со додавање временско ограничување, користење пинцета наместо прсти, сортирање по повеќе бои или следење одреден редослед на префрлање. На тој начин се одржува мотивацијата и се зголемува нивото на предизвик.
Со оваа игра се поттикнува развојот на: внимание и концентрација; работна меморија; визуелна диференцијација и препознавање бои; координација око-рака; билатерална координација (истовремено користење на двете раце); фина моторика и прецизност на движењата; планирање и организација на активноста; трпеливост и истрајност.
Преку вакви активности децата учат да го насочуваат и одржуваат вниманието, да ги координираат своите движења и да ги развиваат когнитивните и моторните способности на забавен и мотивирачки начин. Играта лесно може да се приспособи на различна возраст и претставува одличен начин учењето да се претвори во интересно и активно искуство.
Пишува: Нина Попадинова, психолог

































