…На патерица…

Бидејќи да пишуваш историја (службена) не значи да се занимаваш со наука туку со литература (етимологијата на титуларот е многу прецизна: HIS STORY), помислив: кога литературата веќе го одобрила моето учество во играта зошто да не го искористам одобрението?! Но должни сме да бидеме внимателни! Затоа најдобар пристап се прашалниците.
Еве, битиса уште еден Илинден. На Крушево. На Пелинце (на Прохор стана многу далеку) и кај споменикот на Ченто. А народот (традиционално) по црквите и манастирите како распрскана челад околу свеќа се прибра од посекаде на светот. Се радува на СОБОРОТ. Се скрајнува и се сеќава.
Нашите древни цркви и манастири, без исклучок, се подигнати на свети места. Илустративно е да се каже дека местата ги повикале градбите. Мистерија!
Има една скоро потполно непозната црква кај старите гробишта во селото Фарише, мислам… некогаш на тоа место морало да биде манастир, мислам, еднаш-некогаш тука морало да биде оракулум… во секој случај местото е соборно! Црквата не може да се види доколку не дојдете пред влезот, доколку некој староседелец не ве донесе. Но оддалеку се гледа џиновско дрво чија крошна ја покрива црквата. Кога ќе се доближите, забележувате дека стеблото потполно ја крие црквата зад него! Како кај секое дрво постаро од 500 години, стеблото има само обем од околу 10 метри. Во празнината, која може да се доживее само доколку се искачите на дрвото, редовно удира гром! Тоа може да се види по трагите од пожарите што дабот некако… сам ги гасне?! Ако го заобиколите стеблото, помеѓу него и влезот во црквата има монументален симбол: на четири масивни камени крста е положен сончев диск од камен со празнина во средината како тркало од некоја моќна кола! ОЛТАР? Жртвеник?! Софра? Кој седнува околу? Кога?
Староседелецот си спомнува дека некогаш (имало навика) на патерица по Илинден, во жештините на високо пладне да се соберат пустиножители. Разменувале искуства и палеле оган во оската на тркалото… така го повикувале Свети Илија да им помогне во подвизувањата. Потоа со денови над гробиштата се слушале гласови?!
На патерица без каква и да е намера да ја потврдам легендата за пустиножителите се најдов блиску до гробиштата. Беше пладне и се слушаа гласови зад чинарот. Не беа пустиножители. Секојдневни млади седнале околу софрата. Зборуваат, расправаат… љубопитни зборови, но сосем секојдневни и логични… како за летна пладнина на селска ПАТЕРИЦА… да наслушнеме…

***
*…славиме Илинден… зошто упорно ги славиме вториот и третиот, а го забораваме првиот Илинден!?
*…кога суштински ги подвлекуваме идентичностите помеѓу вториот и третиот Илинден, зошто не нагласиме дека историски факт е: ВОСТАНИЕТО КОЕ ЗАПОЧНА 1903, ПРОДОЛЖИ 1908, 1912, 1913, 1914, 1918, 1941, ЗАВРШИ 1944 И ЗАВРШИ УСПЕШНО И ДЕКА Е ЕДНО И ИСТО, А НЕ САМО ДВЕ ОДДАЛЕЧЕНИ ВОСТАНИЈА?!
*…зошто Гоце сметаше дека почетокот на востанието треба да се одложи и како ги советуваше и финансираше гемиџиите!
*…што се случуваше на теренот во Македонија, особено во Егеј, Пирин, Гора, Голо Брдо… пред Илинден, по Илинден… до Уриетот?!
*…дали 1903 беше воен судир помеѓу македонските војски и османлиската армија?!
*…која е улогата на султановата забрана за името Македонија и по чиј совет ја донесува…?!
*…кои, какви и како се распоредени војските на теренот!?
*…како и каде дејствуваат?!
*…што прават 10.000 грчки андарти на теренот во времето на востанието!
*…што прават 8.000 лица српска војска на теренот во времето на востанието!
*…што прават 12.000 лица бугарска војска на теренот за време на востанието?
*…што прават 2.000 лица влашка војска на теренот во време на востанието!?
*…зошто овие војски не им помагаат на македонските востаници?
*…ЗОШТО НИКОЈ НЕ ЗНАЕ КОЛКУ МАКЕДОНСКИ ВОСТАНИЦИ УЧЕСТВУВААТ ВО СУДИРОТ!
*…ЗОШТО НИКОЈ НЕ ПИШУВА ЗА ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ ПОД ОЛИМП И НА КРИТ, во БЕЛГРАД (денес БЕРАТ)…
*…како продолжува востанието по падот на Крушево!
*… што знаеме за ослободените територии… на пример Пирин Планина, која суштествуваше како 100 километри непристапни за отоманите од 1903 до 1908?
*…со каква цел се воведува „европска жандармерија“ во Македонија!!!
*… што прават 6.000 европски џандари по Македонија и кога злосторствата достигнуваат геноцидни размери Европа ги „повлекува“ 1908?
*…што прават грчките, српските, бугарските и влашките воени единици во Македонија од 1903 до 1908… дали европската жандармерија ги прогонува или помага!? И потоа…?

*…ЗОШТО БИТОЛСКИТЕ КОНЗУЛИ „ПОБЕЛУВАЛЕ ВО КОСИТЕ И БРАДИТЕ“ ВО ЕДЕН ДЕН ОТКАКО ЌЕ ГИ ПРОЧИТАЛЕ ИЗВЕСТУВАЊАТА ЗА СЛУЧУВАЊАТА ПО СЕЛАТА И ГРАДОВИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА!
*…ЗОШТО НЕКОИ БИТОЛСКИ КОНЗУЛИ ЈА НАПУШТАЛЕ СЛУЖБАТА И СЕ ЗАМОНАШУВАЛЕ…
*…ЗОШТО СО СИЛА ТРЕБА ДА ЗАБОРАВИМЕ!
Чудни дилеми и зборови за оваа секојдневност.
Инаку. Прославата на големиот празник помина свечено, а претседателот нагласи, подвлече и истакна дека има само една алтернатива за иднината. ЕУ и НАТО… и бидејќи да бидеш претседател на Македонија тоа значи да носиш вода на дланка, мнозина се изводенуваат по патот правејќи ја невозможна првичната намера… Оваа навика не се однесува на претседателот на Северџанија… секако…
А за иднината еве како ја дефинира еден наш академик: „…Глуварката е дрво што вирее на Килиманџаро, што има топла мисла и длабок корен, што го менува вкусот на студот, влагата и осаменоста (глуварката е гротескна)… затоа ли прашуваат истражувачите!? Но… кога на македонски ќе речете ’ГЛУВАРКА’…исто како да сте рекле ИДНИНА… Толку е кревка, прашина и недопирлива“.

Вангел Божиноски