Илустрација креирана со помош на ВИ

Граѓанската маска на Граѓанската партија на Грците во Србија падна, а заедно со неа и маските на патронот од Атина

  • Повод за оваа анализа е реакцијата на Граѓанската партија на Грците во Србија, која побара од српските власти во Нови Сад да ја отфрлат иницијативата за поставување споменик со името „Мајка Македонија“. Од гореспоменатата партија оценија дека споменикот би претставувал „длабоко непочитување кон грчкиот народ и држава“ (?!)

Постојат моменти кога една политичка реакција кажува многу повеќе за оној што реагира отколку за поводот поради кој реагира. Таков е и настапот на таканаречената Граѓанска партија на Грците во Србија, која побара да биде запрена иницијативата за поставување на споменикот „Мајка Македонија“ во Нови Сад.
– Ова не е реакција на организација што се води од граѓански вредности. Напротив. Тоа е класичен пример на националистички ексклузивитет, кој не прифаќа дека едно национално малцинство има право јавно да го изразува сопствениот културен идентитет. Ако самото име „Мајка Македонија“ се доживува како провокација, тогаш проблемот не е во споменикот. Проблемот е во идеологијата што смета дека самиот поим Македонија треба да биде предмет на монопол. Тука целосно паѓа во вода и придавката „граѓанска“ во името на оваа партија. Граѓанската политика не се плаши од споменици, од култура, од историја или од симболи на други заедници. Граѓанската политика ги брани нивните права, дури и кога не се согласува со нивната интерпретација. Она што го видовме е сосема спротивно. Тоа е обид преку политички притисок да се цензурира еден културен симбол затоа што содржи збор што некој би сакал да го резервира само за себе – вели наш соговорник од Нови Сад, вработен во градската администрација, кој се согласи со нас да разговара на оваа тема.
Вториот наш соговорник од Скопје, магистер по историски науки, во врска со овој настан, вели дека „…иронијата е уште поголема ако се земе предвид контекстот на Преспанскиот договор“, ставајќи го настанот во еден поширок историско-политички контекст.
– Со години официјална Атина инсистираше дека токму таа има посебно право врз историското и културното наследство поврзано со името Македонија. Во јавниот дискурс, голем дел од симболиката, историските наративи и културните референци кон Македонија почнаа да се претставуваат како дел од исклучиво грчкото наследство. Ако тоа е политичката логика што со години се бранеше, тогаш каде е логиката денес да се оспорува споменик што се вика „Мајка Македонија“? Ако, според сопствената аргументација, Македонија е дел од грчкото историско наследство, тогаш зошто би претставувало навреда нејзиното именување? А ако не е така, тогаш паѓа и целата конструкција за ексклузивитетот врз самиот поим Македонија – вели нашиот соговорник, историчар, но и добар познавач на македонско-грчките односи, при што тој многу цврсто стои на ставот дека „оваа контрадикција не е случајна“!
– Сето ова покажува дека спорот никогаш не бил само околу географија, историја или терминологија. Тој отсекогаш бил спор околу правото на Македонците да го именуваат сопствениот идентитет и јавно да го афирмираат своето историско и културно наследство. Особено е симптоматично што една организација што тврди дека ги застапува демократските вредности бара ограничување на симболичното изразување на едно признаено национално малцинство во Србија?! Тоа не е европски демократски стандард. Тоа е политичка нетолеранција.
Дополнително загрижува обидот прашањето за еден споменик да се поврзе со Косово и со актуелните геополитички односи. Со тоа, културната меморија на една заедница се претвора во средство за политички притисок. Наместо аргументи за уметничката, историската или локалната оправданост на иницијативата, се нудат геополитички аналогии што немаат непосредна врска со суштината на предлогот, додава нашиот соговорник.

Македонците не бараат туѓ идентитет

Од заедницата на Македонците во Србија ни изјавија дека во секое демократско општество се почитуваат малцинските слободи, а во Србија тоа е пример како се почитуваат малцинските права и слободи.
– Македонската заедница во Србија не бара ничие наследство. Не бара туѓ идентитет. Не бара туѓа историја. Таа бара право да го чествуваат сопственото име, сопственото сеќавање и сопствениот придонес кон општеството во кое живее. Тоа право е суштинско за секое демократско општество што ги почитува малцинските слободи. Ние овде во Србија апсолутно ги уживаме сите права и слободи и тоа е за апсолутна почит. Затоа оваа чудна реакција на грчката партија заслужува јасна политичка и морална осуда. Не, не затоа што доаѓа од грчка политичка организација, туку затоа што промовира принцип, според кој, една етничка група може да одлучува кои симболи се дозволени за друга етничка заедница. Тоа е логика на културна доминација, а не на демократски плурализам – вели претставник од македонската заедница во Србија.

Балканот стана пример за градење национален легитимитет со деноминација на друг етникум

– Балканот премногу долго беше заложник на политики што градеа легитимитет преку негирање на соседот. Денес светот постепено влегува во нова епоха, во која сè потешко поминуваат историски монополи, идентитетски ексклузивитет и политички хегемонизам. Обидите културата да се контролира преку политички притисок сè почесто се препознаваат како она што навистина се – продолжување на старите политики со нов речник. Затоа ова прашање одамна не е само прашање за еден споменик во Нови Сад. Тоа е тест за демократскиот капацитет на регионот. Дали ќе се брани правото на една заедница на сопствена меморија или повторно ќе се толерира логиката, според која, некој има право да ги монополизира името, историјата и симболите на другите – вели и завршува реторички нашиот соговорник, магистер по историски науки и постојан соработник на „Нова Македонија“.
Во основа, јавноста во Македонија се надева дека времето кога таквите претензии се прифаќаа како нормални – завршува. Колку побрзо нивните носители го разберат тоа, толку подобро ќе биде за регионот.
Затоа што секој нов обид за културна или идентитетска доминација денес не изгледа како демонстрација на сила, туку како признание на страв дека вистината, историската меморија и правото на самоидентификација не можат трајно да бидат потиснати. П.Р.