Повод за геополитичка опсервација: Што кажа рускиот претседател Владимир Путин на прославата на Денот на руската морнарица во Санкт Петербург
- Во меѓународните односи, зборовите често се внимателно одмерени. Една реченица може да биде наменета за домашната јавност, но истовремено да испрати сигнал до други држави, конкретни политички елити, касти или општества. Токму затоа, секое јавно обраќање на лидерите на големите сили денес се анализира не само според тоа што е кажано туку и според тоа „кон кого се нишани со таа порака“?
Не секогаш големите геополитички цели се остваруваат исклучиво со примена на воена сила. Имено, во повеќе наврати историјата покажува дека државите честопати се обидуваат да ги обликуваат политичките процеси преку внимателно избрани пораки, создавање нови партнерства и поттикнување интереси што во иднина би можеле да доведат до поинаква распределба на влијанието. Затоа, покрај бојното поле, еднакво е важна и битката за придобивање политички сојузници.
Затоа во меѓународните односи, зборовите често се внимателно одмерени. Една реченица може да биде наменета за домашната јавност, но истовремено да испрати сигнал до други држави, политички елити или општества. Токму затоа, секое јавно обраќање на лидерите на големите сили денес се анализира не само според тоа што е кажано туку и според тоа кому всушност му е упатена пораката.
Путин со порака само за Украина или и за Европа?
Говорејќи неодамна на прославата на Денот на руската морнарица во Санкт Петербург, рускиот претседател Владимир Путин изнесе оценка дека „Украина, во подолг временски период, би можела да ги загуби своите западни територии во корист на Полска, Унгарија и Романија“!
За разлика од претходната реторика, во која акцентот беше ставен на воениот исход од конфликтот, овој пат вниманието беше насочено кон можен долгорочен политички развој и евентуална промена на геополитичката карта!
Клучната дилема што се наметнува е дали ова беше само процена за иднината на Украина или, пак, порака со поширока дипломатска цел? Тоа е прашање што веќе сериозно се отвора во дел од аналитичките кругови, но тоа е и прашање што во еден дел нѐ тангира и нас.
Во таа насока, примарно можно толкување е дека ваквите пораки не се наменети само за Киев туку и за дел од европската политичка сцена. Не како повик за промена на границите, туку како обид да се поттикне поинаков поглед кон војната, кон Русија и кон идната безбедносна архитектура на Европа.
Второ, доколку таквата интерпретација има основа, а аналитичари тврдат дека има, тогаш пораката би можела да се чита како „обид да се внесе сомнеж во сегашното единство на Европската Унија и НАТО околу украинското прашање“.
Во политиката, понекогаш е доволно да се отвори можност за поинакво размислување, без воопшто да се очекува таа веднаш да стане официјална политика. Впрочем, одредени забелешки кон односот на централните украински власти кон полското, унгарското и романското малцинство веќе имаше од страна на властите во овие три земји, со напомена дека нема да дозволат напредок на Украина во евроинтеграциите ако овие прашања не се решат.
Дали геополитиката почнува со идеи?
Трето… Во современите конфликти не се води битка само за територии туку и за перцепции. Големите сили често настојуваат да влијаат врз јавното мислење, врз политичките партии и врз државите што би можеле да имаат поинаков поглед кон идниот развој на настаните.
Токму затоа се поставува дилемата дали ваквите пораки имаат цел да ги охрабрат оние политички суверенистички кругови во Европа што се залагаат за помалку конфронтација со Москва и за побрзо барање политичко решение отколку да се форсира европската милитаристичка линија, која под превезот на ширењето воена хистерија наместо да се фокусира на економскиот развој на Европа во соработка на договорна основа со Москва, Брисел дополнително ги зголемува воените буџети. Дополнително, енергетската криза и колапсот на водечките европски економии уште повеќе го наметнуваат прашањето дали треба да се пресечат сите канали на комуникација со Русија. Ако е така, тогаш зборовите не се случајно избрани, тие стануваат инструмент на дипломатијата, исто колку што оружјето е инструмент на војната.
И четврто, некои похрабри аналитичари тврдат дека Кремљ на овој начин, директно од врвот, со изјавата на Путин, им подава „рака на помирување и пријателство на Полска, Унгарија, Романија“ нудејќи сценарио во кое всушност Москва, изработувајќи ја својата воена операција во Украина за „денацификацијата и демилитаризација“, всушност ќе придонесе и без да инсистира на тоа, „природно да се распадне ваквата украинска државно- ентитетска творба“, при што, делови од неа, како што Путин порачува, ќе им припаднат на околните држави, односно… „Украина, во подолг временски период, би можела да ги загуби своите западни територии во корист на Полска, Унгарија и Романија“, изјави рускиот претседател на прославата на Денот на руската морнарица во Санкт Петербург.
Иако ваквите толкувања се во сферата на анализи и потенцијални сценарија, едно е неоспорно, геополитичките пораки речиси никогаш не се упатени само кон една адреса.
Македонскиот аспект на предизвикот
Македонија не е воено загрозена, но повеќе од три децении живее со последиците од нерешени регионални прашања, но и од повремено внатрешно поткопување на меѓуетничките односи. Најпрво спорот со Грција, а потоа и бугарските условувања покажаа дека билатералните прашања можат со години да го определуваат темпото на европските интеграции.
Токму затоа се поставува едно пошироко прашање: што се случува со една држава кога неизвесноста станува трајна состојба? Колку долгото чекање влијае врз довербата во европскиот процес, врз политичката стабилност, врз иселувањето на младите и врз отворањето на нови идентитетски дебати?
Историјата покажува дека долгите блокади не мора секогаш а произведат решение, туку напротив. Понекогаш тие создаваат нови политички реалности, нови генерации со поинакви ставови и нови геополитички влијанија. Токму затоа, секое пролонгирање на еден процес носи ризици што не можат однапред целосно да се предвидат.
Европската Унија има право да поставува критериуми за членство. Но еднакво е важно тие критериуми да останат предвидливи и да не се претвораат во бескраен простор за нови билатерални условувања. Во спротивно, процесот може да ја изгуби довербата што со години ја градеше.
Затоа, можеби најважната лекција од денешната геополитика е дека не секоја битка се добива со потенцијалот на воениот арсенал. Некои се водат со зборови, со идеи, со време и со трпение. А токму тие, понекогаш, оставаат најдлабоки последици. За малите држави, најголемата опасност не е само да станат предмет на туѓи интереси, туку да дозволат нивната иднина предолго да зависи од туѓите пресметки. Во свет што сè повеќе се менува, предвидливоста и јасните правила се најсилната гаранција дека геополитичките игри нема да ја засенат европската перспектива. Токму на таква предвидливост Македонија инсистира.
































