Ана Опачиќ, директорка на „Бич филм фестивал“
Се одржа деветтото издание на фестивалот на нов европски филм „Бич филм фестивал“ во Охрид. Во текот на шесте фестивалски дена, на неколку препознатливи локации низ градот, публиката имаше можност да проследи богата селекција на нови европски филмови, како и разновидна придружна програма со разговори, работилници и со музички настани. И годинава, фестивалот ја спои современата европска кинематографија со уникатната летна атмосфера на Охрид, потврдувајќи ја својата позиција како еден од најавтентичните филмски фестивали во регионот.
Од Ваша перспектива, какво издание успеавте да остварите овој пат и што особено Ве радува сега кога го затворивте деветтото поглавје?
– Би рекла дека оваа година реализиравме едно од нашите најзрели фестивалски изданија. Имавме квалитетна програма и внимателно одбрани гости, но пред сè, имавме одличен тим на луѓе што стојат зад фестивалот и прекрасни волонтери, без чија посветеност сето ова немаше да биде можно. Она што особено ме радува е што сега, кога фестивалот успешно заврши, можам мирно да им се посветам на последните подготовки за снимањето на мојот дебитантски долгометражен игран филм. Тоа нè очекува кон крајот на август.
Кои беа најголемите предизвици во организацијата на годинашното издание?
– Секое фестивалско издание носи свои предизвици, особено кога станува збор за фестивал на отворено, а уште повеќе кога дел од проекциите се одржуваат на брод. Во такви околности, многу работи зависат од фактори врз кои не можеме да влијаеме. Но токму тогаш најдобро се гледа силата на тимот. Благодарение на посветеноста, професионалноста и добрата координација на сите што беа вклучени, успеавме успешно да го надминеме секој предизвик. Она што, според мене, го обележа деветтото издание, а наедно е и она што го одбележува секое издание на фестивалот, се луѓето. Секоја година запознаваме нови автори, членови на жирито, филмски професионалци, гости и публика. Кога подоцна се навраќаме на претходните изданија, најчесто не зборуваме само за филмовите или програмата, туку за луѓето што сме ги сретнале, разговорите што сме ги воделе и познанствата што останале и по завршувањето на фестивалот. Верувам дека токму тие средби се неговата најголема вредност.
Какви беа реакциите годинава на странските гости и филмските автори за Охрид и за концептот на „Бич филм фестивал“?
– Можеби најдобар показател за реакциите на нашите странски гости е тоа што многумина, и по завршувањето на фестивалот, остануваат во Охрид уште неколку дена за да ги запознаат градот и неговата околина. Мислам дека сите си заминуваат со убави спомени, а често и со понекоја тегла охридско макало во багажот. Што се однесува до самиот концепт на фестивалот, на многумина им изгледа речиси неверојатно додека не дојдат и не го доживеат лично. Како што тие нè инспирираат нас преку своите филмови и искуства, така и ние успеваме да ги инспирираме нив со начинот на кој го создаваме фестивалот. Им се допаѓа тоа што внимаваме на секој детаљ и што се трудиме престојот да им биде повеќе од обично фестивалско гостување. Од фестивалските торби, во кои ги пречекуваат крпи за плажа, кремови за сончање и ладала, до коктел-забавите, нуркањето во езерото и проекциите под отворено небо – се обидуваме да им приредиме едно целосно филмско искуство, кое ќе го паметат и по завршувањето на фестивалот.
Дали годинашната посетеност и интересот на публиката ги исполнија Вашите очекувања?
– Особено нè радува тоа што плажата Сараиште, каде што секојдневно ги прикажуваме детските филмови, секогаш е исполнета со публика. Децата доаѓаат и по еден час пред почетокот на проекциите и трпеливо чекаат да започнат филмовите. Се надевам дека токму преку тие моменти создаваме идни љубители на филмот, а можеби и идни филмски автори и професионалци. Исто така, не нè напушта радоста што интересот за проекциите на брод не стивнува. Се сеќавам дека пред неколку години имавме силни бранови и моравме да почекаме времето да се смири, но публиката трпеливо остана пред бродот и чекаше проекцијата да започне. Тоа е доверба што многу ни значи. Имаме луѓе што со години се враќаат на фестивалот и со кои, со текот на времето, изградивме и пријателства. Имаме и двојки што се запознале или се вљубиле токму тука и секоја година повторно доаѓаат. Таквите приказни нè потсетуваат дека фестивалот не е само место за гледање филмови туку и простор каде што се создаваат спомени, пријателства и животни врски.
Дали веќе имате на ум нови содржини, соработки, поголеми амбиции за наредната година?
– Да, веќе поминаа девет години, а мене сè уште ми се чини како вчера да ја поставувавме конструкцијата со филмското платно во самото езеро, на плажата Оревче. Тоа беше храбар чекор, но уште тогаш верувавме во идејата и во тоа што сакаме да го создадеме. Денес веќе сме на прагот на десеттото издание. Во изминативе години научивме многу, не само за организацијата на еден фестивал туку и за трпението, одговорноста, луѓето и за самиот процес на создавање. Растевме заедно со фестивалот. Имаме многу идеи и планови за јубилејното десетто издание, но сакаме тие да се развиваат природно, чекор по чекор. Исто како што бродот „Армада“ мирно плови по езерото додека публиката гледа филм, така и ние полека пловиме од едно фестивалско издание кон следното, уживајќи во патувањето исто колку и во самата цел.































