Во издание на „Или-или“ излезе збирката раскази „Да ви кажам право“ од Огнена Никуљски, книга што уште со насловот го најавува својот силен адут: непосредноста. Овие избрани раскази се раскажани со исповедна отвореност, како доверлив разговор во кој животот не се разубавува, но ниту се претвора во повод за самосожалување. Авторката зборува за љубовта и разочарувањата, за семејството, насилството, осаменоста, спомените, стареењето и малите секојдневни радости со храброст да го именува и она што најчесто се премолчува.
Особена вредност на книгата е отвореното и ретко книжевно согледување на жената во подоцната доба од животот. Таа овде не е сведена на возраст, загуба или повлекување, туку е прикажана како жена со тело што се менува, со желби, стравови, сеќавања, лутина, самоиронија и потреба повторно да се пронајде себеси. Во нејзиниот поглед кон сопствениот живот има и болка и помиреност, но и тврдоглава волја да не ѝ се предаде на празнината… Од автобусите и соседските муабети до најинтимните пресметки со минатото, „Да ви кажам право“ создава препознатлив свет во кој трагичното и смешното постојано се допираат. Тоа е искрена, топла и стилски уверлива проза за преживеаното, прифатеното и за слободата човек најпосле да живее во согласност со себеси.
Огнена Никуљски е професорка по шпански во пензија, книжевна преведувачка, авторка и заљубеничка во мајчиниот македонски јазик. По романот „И ѕирка и проѕирка“, финалист за наградата „Роман на годината“ за 2024 година, збирката раскази „Да ви кажам право“ е нејзина втора објавена книга.