Редакциска антиципација за тоа како Македонија да се подготвува за „ПОСТМАСТРИШКА Европа“
Коалицијата на подготвените – проект во политичко гаснење
- Ако пред само една година европските лидери зборуваа за Коалицијата на подготвените како за зародок на новата безбедносна архитектура на континентот, денес станува сè поочигледно дека тој проект влегува во фаза на политичко гаснење. Не затоа што исчезна заканата од Русија, ниту затоа што Украина престана да биде централно европско прашање, туку затоа што исчезнува политичката генерација што ја создаде оваа иницијатива. Но тоа е индикатор плус дека во Европа гасне нешто многу повеќе и многу поголемо…
Анализата на британски „Телеграф“ ја препознава токму гореспоменатата опасност од поднасловот. Имено, заминувањето на поранешниот премиер Кир Стармер од британската политичка сцена и неизбежниот крај на мандатот на францускиот претседател Емануел Макрон создаваат лидерски вакуум што никој засега не изгледа способен да го пополни. Коалицијата, која беше изградена врз политичката тежина на Лондон и Париз, останува без своите два главни носитела. Токму зад оваа приказна се крие многу подлабока трансформација.
Наднационалното дејствување како амбиција на европските елити
Коалицијата на подготвените всушност беше производ на една специфична политичка епоха – Европа во која највлијателните лидери веруваа дека наднационалното дејствување постепено ќе ја потисне традиционалната држава како главен носител на политичката моќ. Тоа беше логично продолжение на либералната визија за Европската Унија: повеќе интеграција, повеќе заеднички политики, повеќе заеднички одлуки.
Но денес Европа изгледа поинаку. Во речиси сите големи европски држави домашната политика повторно станува поважна од европската агенда. Изборните резултати се определуваат од миграцијата, цената на енергијата, индустриската конкурентност и заштитата на националниот суверенитет, а не од визиите за „сè потесна унија“. Владите сè почесто ги мерат своите надворешнополитички позиции преку призмата на домашниот електорат.
Оттука и слабеењето на Коалицијата на подготвените не треба да се чита само како персонален проблем на Макрон или на Стармер. Тоа е симптом на една многу поширока политичка промена во Европа.
Европа е влезена во нова фаза на својот развој
Последната деценија покажа дека европските институции тешко можат да наметнат единствена политика кога националните интереси значително се разликуваат. Санкциите, миграцијата, енергетиката, буџетските правила, па дури и поддршката за Украина постојано покажуваат дека конечната политичка тежина сè уште лежи кај националните влади.
Затоа сè повеќе се добива впечаток дека Европската Унија влегува во нова фаза на својот развој.
Наместо федералистички проект што постепено ги апсорбира националните надлежности, Унијата сè повеќе функционира како политички договор меѓу суверени држави што соработуваат таму каде што нивните интереси се совпаѓаат, а ја задржуваат сопствената автономија таму каде што тие интереси се разидуваат.
Тоа не значи распад на Европската Унија. Напротив. Можно е токму ова да биде механизмот преку кој Унијата ќе ја обезбеди сопствената долговечност. Наместо идеолошка интеграција, се наметнува прагматична соработка. Наместо унифицирани политики, се развива Европа со повеќе брзини, различни коалиции и флексибилни формати на соработка.
Во таква Европа иницијативите како Коалицијата на подготвените стануваат исклучок, а не правило. Тие зависат од силни политички личности и од специфични историски околности. Кога тие личности заминуваат, исчезнува и политичката енергија што ги одржувала.
Унијата никогаш нема да биде супердржава
Токму кризата околу оваа Коалиција на подготвените можеби ја открива вистинската насока на европската интеграција.
Не кон европска супeрдржава, туку кон европски сојуз во кој државите повторно стануваат главните актери, а Брисел – координатор, а не политички центар на моќта.
Доколку оваа тенденција продолжи, историчарите можеби ќе оценат дека средината на дваесеттите години не беше моментот кога Европа почна да се распаѓа, туку моментот кога конечно се откажа од федералистичката амбиција и премина кон пореалистичен модел – унија на суверени држави, поврзани од интереси, а не од некаква неолиберална идеологија.
Во тој контекст, гаснењето на Коалицијата на подготвените не претставува само крај на една дипломатска иницијатива. Тоа може да биде симболичен крај на една политичка ера. П.Р.
Потсетување за Коалицијата на подготвените
Коалицијата на подготвените (Coalition of the Willing) е неформална политичко-безбедносна иницијатива создадена во 2025 година од Велика Британија и Франција, со цел да ја координира европската поддршка за Украина во услови на неизвесност околу идната американска улога во европската безбедност.
За разлика од НАТО или од Европската Унија, коалицијата нема основачки договор, постојан секретаријат или заедничка командна структура. Таа функционира како доброволен сојуз на држави што се подготвени да преземат конкретни политички, финансиски и воени обврски надвор од постојните институционални механизми.
Во неа учествуваат повеќе од триесет европски и сојузнички држави, меѓу кои Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Полска, Данска, Холандија, Шведска, Норвешка, балтичките држави и други партнери. Не сите членки преземаат исти обврски – дел обезбедуваат оружје и воена обука, други финансиска или логистичка поддршка.
Главната цел на коалицијата е долгорочно да ја гарантира безбедноста на Украина, да ја зајакне нејзината одбранбена способност и, доколку политичките услови го дозволат тоа, да подготви распоредување меѓународни сили за поддршка на евентуален мировен договор.
Одлуките не се носат со консензус како во НАТО или во ЕУ, туку преку политички договор меѓу државите што сакаат да учествуваат во конкретна активност. Токму поради таа флексибилност, коалицијата беше претставена како инструмент за побрзо реагирање во кризни ситуации.
Сепак, нејзината најголема слабост е што зависи од политичката волја на лидерите што ја создадоа. Без трајни институции и јасно дефинирани механизми за одлучување, иднината на коалицијата е директно поврзана со политичките промени во Лондон, Париз и во другите европски престолнини. А таму промените се на повидок. П.Р.
Тренд на редефинирање на односот меѓу наднационалните ЕУ-институции и државите членки
2. Од Мастрихт до денес: Дали Европа се враќа кон државата?
Повеќе од три децении Европската Унија се движеше по една јасна политичка траекторија. Од потпишувањето на Договорот од Мастрихт во 1992 година, европската интеграција се темелеше врз идејата за „сè потесна унија меѓу народите на Европа“. Таа формула не беше само дипломатска фраза туку политичка филозофија што постепено ја пренесуваше моќта од националните престолнини кон заедничките институции во Брисел.
Следуваа заедничкиот пазар, еврото, проширувањата кон Источна Европа, заедничките политики во областа на правосудството, миграцијата, климатските промени и надворешната политика. Се создаваше впечаток дека европската интеграција е еднонасочен процес – секоја нова криза ќе биде причина за уште повеќе Европа.
Но последните десетина години покажуваат сосема поинаква динамика.
Брегзит беше првиот голем удар врз идејата дека интеграцијата е неповратна. Потоа дојдоа миграциската криза, пандемијата, енергетскиот шок и војната во Украина. Наместо автоматски да ги зајакнат европските институции, овие кризи ги вратија националните држави во центарот на политичкото одлучување.
Во кризите не пресудуваше Европската комисија (ЕК), туку Берлин, Париз, Варшава, Рим и другите главни градови. Одлуките за затворање граници, субвенционирање на економијата, набавка на енергенти или за испорака на оружје најчесто се носеа во националните влади, а дури потоа добиваа европска рамка.

Тоа е суштинската промена што ја гледаме денес.
Не се работи за распад на Европската Унија, сѐ уште, ниту за враќање во Европа од 19 век. Напротив, мнозинството земји и понатаму ја гледаат Унијата како најважна економска и политичка рамка. Но сè почесто инсистираат токму тие, а не Брисел, да одлучуваат за клучните национални прашања.
Прашањата за миграцијата, енергетиката, индустриската политика, одбраната и за буџетската дисциплина повторно се третираат како области во кои националниот суверенитет не смее целосно да биде пренесен на европско ниво.
Затоа денес Европа не личи на федерација во настанување, туку на сложен политички сојуз во кој државите постојано бараат нова рамнотежа меѓу заедничките интереси и сопствените надлежности.
Оваа промена се гледа и во јазикот на европските лидери. Пред една деценија доминираше реториката за „повеќе Европа“. Денес многу почесто се зборува за „стратешка автономија“, „национална отпорност“, „заштита на границите“ и „европска конкурентност“.
Тоа не е само промена на терминологијата туку сигнал дека политичкиот центар на тежина повторно се поместува кон суверените држави.
Токму во таа смисла, слабеењето на Коалицијата на подготвените не е изолиран настан. Тоа е дел од истиот процес во кој ад хок сојузите, доброволните коалиции и билатералните договори сè повеќе го дополнуваат, а понекогаш и го засенуваат институционалниот модел на Европската Унија.
Можеби токму затоа денешната Европа не треба да се толкува како проект во криза, туку како проект во трансформација.
По триесет години во кои главното прашање беше колку надлежности ќе добие Брисел, новото прашање станува колку надлежности ќе останат кај националните држави.
Тоа не значи крај на Европската Унија. Но може да значи крај на една ера во која европската интеграција се сметаше за линеарен и неповратен процес. Наместо „сè потесна унија“, Европа сè повеќе се обликува како политичка заедница на суверени држави, кои избираат да соработуваат таму каде што интересите им се совпаѓаат, а не затоа што веруваат во една иста визија за конечната политичка цел на европскиот проект.
Автор: Доне Прентоски, наш соработник од Германија
Од уреднички СТАВ
3. Да се почека новата Европа
- Ако Европската Унија навистина влегува во период на длабоко институционално и политичко преобликување, тогаш сосема е логично да се очекува дека тоа ќе се одрази и врз политиката на проширување
Во изминатите три децении Брисел настапуваше од позиција на постепено пренесување надлежности кон заедничките европски институции. Но доколку тежиштето повторно се поместува кон националните држави, како што е сѐ поочигледно, неизбежно ќе се отвори и прашањето дали сегашниот модел на пристапување останува единственото можно решение.
Во европските политички и академски кругови веќе извесно време се разговара за пофлексибилни модели – постепена интеграција, секторско членство, „Европа во повеќе брзини“ или концентрични кругови, во кои земјите кандидати би се вклучувале чекор по чекор наместо да чекаат еднократен прием.
За Македонија ова би можело да има значајни последици. Во изминатите години државата направи крупни и болни политички отстапки, од Преспанскиот договор до Договорот за добрососедство со Бугарија, убедена дека секоја наредна концесија ќе ја приближи до полноправно членство. Но европската реалност денес изгледа поинаку и покрај лицитацијата и трговијата организирана и од Брисел и од тогашно официјално Скопје, кога тие одлуки беа носени, за што и едните и другите ќе бидат кога-тогаш повикани на одговорност.
Сега, доколку Унијата навистина го преиспита сопствениот модел на интеграција, тогаш е можно да се преиспита и логиката на проширувањето. Во таков развој на настаните, Македонија би имала интерес внимателно да ги следи промените и да избегнува носење нови далекосежни одлуки што би биле засновани врз модел што можеби веќе СЕ МЕНУВА!
Тоа не значи запирање на реформите. Напротив, владеењето на правото, функционалните институции и економската конкурентност остануваат вредности што ѝ се потребни на Македонија независно од членството во ЕУ.
Но тоа исто така значи дека идентитетските прашања и уставните интервенции НЕ ТРЕБА автоматски да се третираат како единствен пат кон европската интеграција.
Ако самата Европска Унија се наоѓа во процес на редефинирање на сопствената архитектура, тогаш разумна политичка позиција е Македонија да покаже СТРАТЕШКО ТРПЕНИЕ и внимателно да ги следи тие процеси.
Можно е токму новата Европа да понуди и нов пристап кон проширувањето – пристап што ќе биде повеќе насочен кон функционална интеграција и практична соработка, а помалку кон политички условувања.
Дали тоа навистина ќе се случи, ќе зависи од одлуките што допрва ќе ги носат државите членки. Но веќе денес е јасно дека европскиот проект влегува во период на промени, а со тоа се отвора простор и за преиспитување на досегашните правила на неговото проширување. Р.Н.М.































