Фото: Н.П.

Креативно лето (8)

  • Драги читатели, долгото топло лето сѐ уште трае. Знаеме дека имате доволно време за игри во природа, за дружба, забава и за уживање. Бидејќи „Колибри“ цело лето другарува со вас, подготвивме интересна рубрика за да ви бидеме привлечни и летово. Во „Креативно лето“, во секој број, со интересни активности ве изненадува психологот Нина Попадинова. Нашето катче е наменето и за родителите и за децата и сигурни сме дека ќе пронајдете заедничко задоволство и уживање. Потребно е да ги следите упатствата и лесно да ја реализирате предложената игра

Оваа активност претставува интересна логичка игра во која детето треба да ги распореди броевите по правилен редослед, користејќи стратегија и внимателно планирање на секој потег.
На таблата се поставени броевите од еден до осум, додека едно поле останува празно. Целта е броевите да се наместат по правилен редослед, така што празното поле ќе се најде на последната позиција. Картичките не се подигнуваат, туку можат да се лизгаат само во соседното празно поле. Детето треба однапред да размисли кој број да го помести, да го испланира следниот чекор и постепено, преку низа правилни потези, да стигне до точното решение. Поради ова, активноста претставува одличен предизвик што бара трпение, упорност и логичко размислување.

Со оваа игра се поттикнува развојот на: логичко и аналитичко размислување; решавање проблеми и донесување стратегии; внимание и одржување на концентрацијата; работна меморија; визуелно-просторна ориентација; когнитивна флексибилност и планирање; трпеливост, истрајност и самоконтрола. Лизгачката сложувалка е одличен пример како преку игра децата ги развиваат когнитивните способности, учат да размислуваат неколку чекори однапред и да не се откажуваат кога решението не се добива веднаш. На овој начин, учењето станува мотивирачко, забавно и исполнето со чувство на успех кога задачата конечно ќе биде успешно завршена.

Пишува: Нина Попадинова, психолог