Фото: приватна архива

Книгата „Ти си херој“ од Денис Бојаров е емотивна и поучна приказна што обработува тема поврзана со животот на децата со дислексија и предизвиците со кои тие секојдневно се соочуваат.
Главниот лик е девојче, кое поради својата состојба честопати е погрешно разбрано и исмејувано од своите соученици. Наместо да биде прифатено, се соочува со осудување, потсмев и чувство на осаменост. Но, низ приказната, децата постепено учат дека различноста не претставува слабост, туку напротив – таа е богатство што треба да се почитува и да се прифати.

Книгата испраќа порака дека секое дете заслужува љубов, разбирање, поддршка и еднаква можност да биде дел од заедницата. Ги поттикнува децата да развиваат емпатија, да бидат внимателни кон чувствата на другите и да градат искрени пријателства без предрасуди.
„Ти си херој“ претставува значајна алатка во воспитно-образовниот процес на детето бидејќи, покрај својата литературна вредност, поседува едукативна, информативна и воспитна димензија.

Ги запознава децата со поимот дислексија и им овозможува да разберат дека некои деца учат, читаат и обработуваат информации на поинаков начин и ја подигнува свесноста за невидливите предизвици со кои се соочуваат нивните врсници и придонесува кон создавање инклузивна средина во која секое дете се чувствува прифатено.
Преку приказната децата учат важни животни вредности, како што се добрината, солидарноста, пријателството, меѓусебната поддршка и одговорноста за сопственото однесување.
Крајната цел на „Ти си херој“ е да придонесе кон создавање генерации што нема да ги осудуваат различностите, туку ќе ги прифаќаат и ќе ги вреднуваат. Да ги потсети децата дека секој човек има своја приказна, свои предизвици и свои силни страни, а вистинската храброст се состои во тоа да бидеме добри и човечни едни кон други и да се поддржуваме.

Ф.Д.