Фото: Пиксабеј

Историски трилер

Привремено престојуваше во прекрасна вила во Џихангир во близината на сарајот Долмабавче. Долго време се подготвуваше за враќање во Македонија. Сега таму, во Европа, започнаа да дуваат пријатни ветрови иако татковината врескаше од неправди. Одамна беше кога како момче од десетина години мораше да се раздели од домот и заедно со татка си да се упати во белиот свет по корка леб. Судбината сакаше неговиот татко да го даде за коначар односно момче за домашна припомош кај еден богат Евреин од Солун. Набрзо потоа, татко му умре од туберкулоза. Го прифатија негови блиски пријатели, кои својата нова дестинација ја видоа во Одеса. Беа бозаџии, а занаетот нудеше одлична заработка. Се вработија кај еден мошне богат Ерменец по име Барнабас Азаријан. Постарите кинисаа по занаетот, малиот Гаврило како коначар. Оттука и прекарот. Револуцијата стаса како виор. Печалбарите фатија кој каде. За ќерката единка Гајан се погрижија богати Ерменци. Момчето повторно беше само откако газдата се самоуби. Со него остана и сиромашниот јетим Карпис Карапетјан. Тој беше две години помал од Гаврило. Момчето беше само на светот. За да си го обезбедат опстанокот, почнаа да крадат по гробиштата. Потоа ги презеде локален разбојник за кого крадеа. По еден успешен грабеж, во кој собраа повеќе од килограм златни обетки и прстени, Гаврило и Карпис се одлучија за бегство. Така се најдоа во Истанбул, каде што продолжија со своите валкани работи. Големиот број тешки и мошне тажни мигови во детските денови, сега беа заменети со изобилство среќа. На еврејските централни гробишта во Истанбул накапаа на богатство што мереше повеќе килограми. Поединечно, скапоценостите се мереа со илјадници долари. Во пресрет на големите превирања во Турција, кога таа беше притисната од сите страни со воени интервенции, кога Британците и Грците ја запалија Смирна и се заканија со анексија на добар дел од територијата на некогашната Отоманска Империја, а Сталин ѝ се закануваше на Анкара од север, богатството беше заштитникот на животот. Рушветите им ги зачуваа животите, а Кипар беше островот на нивниот спокој. Таму ја пронајдоа Гајан, а Гаврило ѝ вети дека ќе стори сѐ за нејзината егзистенција. Кутрата, имаше две мали дечиња, а сопругот рибар се удавил за време на една голема бура.
– Каква е таа возбуда кај тебе, Карпис? – Гаврило сркаше вкусно турско кафе и пушеше цигара.
– Некој е пред портата – Карпис ги собра прстите од десната рака и ги долепи до усните.
– Зарем не е доцна за посети? – Гаврило ги сведна веѓите. Беше убав маж со умни темнозелени очи и густи мустаќи на тазе избриченото лице. Беше фрлен на мајка му, која во младоста пленеше.
– Пред портата стои убава жена, Гаврило.
– Што мака ја натерало да дојде тука кога надвор шетаат само призраци и неранимајковци?
Карпис ги собра широките раменици и замижа. Беше средно висок и набиен со мускули. Имаше добродушен израз на лицето.
Гаврило ја изгаси цигарата и стана. Тој напред, Карпис чекор зад него. Пред дамата стоеше простум Афик, измеќарот што со својата сопруга и двете ќерки најде прибежиште кај нив. Дамата носеше европска руба. Лицето го криеше зад црната тантела под цветна шапка со широк обод. Носеше волнен жакет и чевли со куса штикла. Имаше нешто помалку од четириесетина години.
– Повелете, мадам? – Гаврило одлично го владееше францускиот. Плаќаше учители што требаше да ги обучат и него и Карпис. Освен францускиот, одлично зборуваа грчки, руски, а донекаде и арапски.
– Дали може да влезам внатре? – дамата возврати на солиден француски јазик. – Знаете, не ми прилега да висам на улица.
– Секако, секако, повелете.
За миг таа се врати кај пајтонот што ја доведе и издаде наредба со која возилото требаше да се повлече стотина метри подалеку од местото на средбата. Потоа влезе во градината. Во салонот, Афик ги послужи со локум, кафе и бадеми.
– Време е да кажам која сум и што барам овде – дамата ја крена тантелата и сврте на руски. Имаше прекрасни црти на лицето ама и уморен израз. Под сините езерски очи, темни кругови.

– Ве слушам со посебно внимание.
– Дозволете ми, јас сум Наташа Ушански Смирнов, сестра на грофот Максим Смирнов.
Ова беше гром од ведро небо. Гаврило и Карпис разменија значајни погледи.
– Продолжете, мадам – Гаврило не сакаше да биде љубопитен. Тој имаше намера да ја слушне нејзината приказна, па дури потоа да донесе сопствено мислење за неа.
– Тука сум по препорака на близок пријател. За вас кружат гласови дека сте професионален ограбувач на гробници. Не, притоа не мислам ништо лошо за професијата со која се занимавате. Едноставно, мојата мака бара помош токму од таа професија. Мојата цел е да повратам една наша значајна реликвија, скапоценост што недостига во нашата семејна витрина.
– Што треба да сторам за да ја остварите таа ваша цел?
– Гробницата во која се наоѓа е во Одеса.
Гаврило слатко се насмеа и предизвика зачуденост кај гостинката.
– Вие… не сте сериозен?
– Ама не – Гаврило ги вкрсти нозете. – Тоа беше асоцијативна реакција на мојата ментална структура, но тоа воопшто не е интересно за вас, мадам. Ве прашувам дали сте свесна дека во градот се Црвените и тие се господари на состојбата? Дали сте чуле за нивната праведна суровост?
– Да, позната ми е нивната „нежна “ суровост. Впрочем, тоа е начинот да се среди една огромна држава, нели? Но сепак, мислам дека лесно би можеле да се договориме бидејќи јас нема од вас да барам да патувате таму. Што се однесува до мојата понуда, еден практичен ум никако нема да ја одбие!
Гаврило посегна по лулето и ќесето со тутун, кои лежеа на помошното столче, а потоа се премисли и ги врати назад бидејќи врз себе го почувствува прекорниот поглед на Карпис.
– Мене нема да ми пречи ако запалите, господин Колароски – дамата се пресегна и се послужи со неколку зрна бадем. Се чинеше дека таа го направи тоа повеќе инстинктивно отколку од потреба.
– Мислам дека е поумно да апстинирам, мадам.
– Вие сте домаќин на куќата, господин Колароски. Ваш праг, ваша одлука. Но да се вратиме на целта. Мене играта би можела да ме чини 6.000 американски долари. Фабержеовото јајце, реликвијата на семејството го заслужува тоа.
Гаврило ги спушти веѓите.
– Не ве разбирам?
– Нудам 6.000 долари за ангажманот, господин Колароски.
– Износ занемарлив за да патувам во Одеса, мадам.
– Ама не!
– Туку?
– Вие само ќе треба да застрелате човек што ќе се врати од Одеса со пленот во раката.
– Да застрелам човек што не го познавам? Впрочем, имате погрешни информации за опсегот на мојата професија. Јас не сум убиец, мадам. Зошто се одлучивте на таков чин кога можам да го добијам пленот без да си ги крвавам рацете?
– Максим Ушански Смирнов е мојот брат. Станува збор за ментално нарушен човек, кој продаде поголем дел од нашиот имот. Мошне е опасен. Јас морам да го спречам во тоа. Простете ми… во минатото тој насилно посегна по мојата чест!

Одеса 1923…
Човекот ги однесе до гробницата во која беше погребана Екатерина Гордеева по родословие Смирнова. Тој им даде по еден фенер и тие се спуштија по скалите до влезот. Масивната метална врата зачкрипе во обидот да ја отвори, но самиот не беше во состојба да го направи тоа, па побара помош од Колароски и Карапетјан. Долу труеше на мемла. Насекаде мрежи од пајажини. По ѕидовите се ширеа површини од влага. Сепак, околу сандаците беше беспрекорно чисто.
– Овде одамна не стапила човечка нога, Гаврило. Ајде да ги погледнеме датумите над сандаците.
– Еве го сандакот во кој би требало да лежи Гордеева. Кажи му на човекот да нѐ причека надвор. Нели е свежа гравурата над сандакот со името и презимето на покојната?
– Имаш право.
Чуварот на гробиштата веднаш се оддалечи.
– Ајде да го отвориме сандакот.
– Се надевам дека капакот нема да ни прави проблем, Гаврило.
Двајцата ставија марами на лицето за да се заштитат од смрдеата што можеше да ги плисне. Го повлекоа сандакот од лежиштето и го наместија на бетонското подножје. Сега можеа полесно да дејствуваат. Со здружени сили, го кренаа капакот. Внатрешноста беше и полна и празна. Ниту трага од човечки останки, ниту реа. Затоа, пак, внатре имаше две помали ковчежиња. Кога ги отворија, имаа што да видат. Некој пред револуцијата добро се погрижил азното во нив да биде на сигурно.

Љубомир Јованоски-Кара