Фото: „Нова Македонија“

Последните изјави на премиерот Христијан Мицкоски околу уставните измени како повод

  • Премиерот Христијан Мицкоски неодамна повтори дека во Владата се свесни дека преземените обврски за уставните измени мора да се исполнат, но нагласи дека решенијата треба да бидат компатибилни со македонските, а не со нечии туѓи интереси. Уставните измени нема да се случат во оваа форма како што сега се бара, истакна премиерот Христијан Мицкоски, кој во гостување во поткастот „Риштази“ посочи дека е подготвен за разговори со секого и секаде, со цел да се најде решение што ќе биде издржано
  • Наместо доскорешните безусловни отстапки и сѐ уште актуелните дипломатски притисоци, има опиплива солуција македонските граѓани сами да си ги обезбедат потребните гаранции. Брисел веќе еднаш се согласи со таквата солуција, а тоа е примена на веќе проверените уставни практики од Хрватска, Словенија, Естонија, Грција и од други европски држави, во која еден е носител на државноста – мнозинскиот народ, а сите други заедници во Уставот да се впишат како консти тутивни малцинства. Во врска со ова, а се однесува стриктно до нас и за нас, треба да се одработи соодветно парламентарно мнозинство

Пораката што странските дипломати постојано ја повторуваат изминатите четири години е дека без уставни измени не е можен пробив на земјава во евроинтегративниот процес, додека на македонските забелешки за евентуалните идни вета, странците само ги спуштаат рамениците изразувајќи надеж дека можеби нема да ги има.
Од друга страна, скептицизмот во домашната јавност околу уставните измени не е поттикнат од некакво непријателство кон кој било ентитет што бара место во преамбулата, туку ваквата резервираност е директна последица на минатите лекции, особено онаа со промената на името, кога и покрај сите ветувања, европската врата остана затворена за Македонија.
Токму затоа, овој пат домашните власти внимателно ги одмеруваат чекорите. Се бара компромисно и заштитно решение што истовремено ќе ги рефлектира националните интереси и реалноста во општеството, но и ќе ја исполни преземената обврска кон ЕУ за регистрирање на граѓаните со бугарска самосвест во највисокиот правен акт, но под наши услови што подразбираат почитување на државниот суверенитет, особено кога станува збор за интервенциите во Уставот.

Мицкоски: Нема да прифатиме политика на двојни стандарди и „булинг“

Премиерот Христијан Мицкоски неодамна повтори дека во Владата се свесни дека преземените обврски за уставните измени мора да се исполнат, но нагласи дека решенијата треба да бидат компатибилни со македонските, а не со нечии туѓи интереси.
– Уставните измени нема да се случат во оваа форма како што сега се бара – истакна премиерот Христијан Мицкоски.
Тој, во гостување во поткастот „Риштази“, посочи дека е подготвен за разговори со секого и секаде, со цел да се најде решение што ќе биде издржано.
– Да разговараме. Јас сум подготвен да разговарам со секого секаде. Јас не сум секундант за да ви кажам до кога. Додека е потребно за да се најде решение коешто ќе биде одржливо и коешто ќе нè однесе до крајната цел. А во меѓувреме ќе испорачуваме со реформската агенда, ќе правиме подобро општество, подобри услови за живот – рече Мицкоски.
Уште додаде дека во целиот процес работите треба да се гледаат принципиелно, а принципите треба да важат за сите.
– Тоа е, ние сме внатре, вие сте надвор и ако сакате да бидете внатре вие тоа ќе го прифатите или нема да бидете внатре. Тоа е булинг и тоа е непринципиелна политика. Тоа е политика на двојни стандарди. Простете, но јас не сум љубител на таков тип политика – нагласи Мицкоски.

Проверени европски устави како штит за македонскиот идентитет

Повеќе експерти се на ставот дека Македонија презела обврска да ги направи уставните измени, но истовремено сметаат дека како суверена држава има право да го направи тоа на начин што би значело самата да си обезбеди заштитни механизми од идни вета и блокади.
Во таа насока, познавачите предлагаат уставните измени да бидат во согласност со постојните европски устави на дел од земјите членки, што од друга страна ги елиминира сите идентитетски закани што евентуално би дошле од страна во иднина. Според нив, тоа ќе ги минимизира и опасностите од внатрешно подривање на македонското ткиво, до што би можело да дојде ако се интервенира во Уставот без претходно да се апострофира државотворната улога на македонскиот народ.
Искуствата од уставите на Хрватска, Словенија, Полска, Чешка и на други европски земји се покажале како добар модел за уставни измени што бил прифатен од самата ЕУ, а од друга страна, на тој начин македонскиот народ ќе ги добие потребните гаранции.
Според нив, тоа е решението што во рамките на ЕУ веќе функционира, односно Македонија ќе го задоволи барањето на Унијата за уставни измени така што ќе го примени овој проверен модел, македонскиот народ да остане носечки, а сите други ќе бидат впишани како конститутивни малцинства со највисоки загарантирани права.
Колку за потврда на оваа веќе применета практика, во преамбулата на словенечкиот устав стои дека Словенија е „држава на словенечкиот народ“ со посебни права за унгарското и италијанското малцинство.
Во преамбулата, пак, на хрватскиот устав, пишува дека „Република Хрватска е национална држава на хрватскиот народ и држава на припадниците на националните малцинства…“ каде што во уставниот текст експлицитно се наброени 22 национални малцинства (наречени автохтони малцинства).

Исполнета обврска кон ЕУ и чистење на Уставот од „франкенштајнски“
амандмани

За експертите, токму ваквите меѓународни практики ја трасираат патеката за креативен модел што земјава може да му го стави на маса на официјален Брисел. Европската комисија тешко би имала правен или политички аргумент за одбивање, со оглед на тоа што станува збор за решенија што веќе се дел од европскиот правен поредок.
Дотолку повеќе што уставите на овие земји во текот на нивните пристапни преговори добија зелено светло како усогласени со европските вредности, што значи дека и македонскиот уставен модел, поставен на истите основи, не би смеел да биде исклучок.
– Суштината е во следново: Државата ја исполнува преземената обврска кон ЕУ и ги запишува граѓаните со бугарска самосвест во Уставот, но тоа го прави преку дефинирање на карактерот на Македонија како национална држава. Во таквата формулација, македонскиот народ е носечки и државотворен, додека сите други заедници се дефинираат како конститутивни малцинства. Брисел комотно може да ги преземе лаврите на ваквото компромисно решение и да го промовира како сопствен дипломатски успех. Потоа, македонското собрание би пристапило кон уставни измени, кои нема да се ограничат само на заедниците туку ќе ги опфатат и препораките на Венецијанската комисија. Со ваков сеопфатен зафат, од Уставот ќе се отстранат сите претходни импровизирани и „франкенштајнски“ политички амандмани, претворајќи го во функционален акт што му ги гарантира правата на секој поединец. На тој начин се испраќа јасен сигнал дека низ дијалог е можно решение во кое ниту една страна не е поразена или понижена, а земјата конечно добива чист терен за напредок на европскиот пат – заклучуваат експертите.