Спуштена завесата на деветтиот „Бич филм фестивал“ во Охрид

Деветтото издание на „Бич филм фестивал“ во Охрид беше затворено на плажата Славија, во амбиент што повторно го потврди она по што овој фестивал стана препознатлив – филмот доживеан под отворено небо, со езерото како природна сценографија. Завршната вечер ја отвори краткиот филм „Сајлент синема“ на Крсте Господиновски, кој публиката ја врати кон изворите на филмскиот јазик, проследен со краткиот „Ординари хироу“ на Јован Цветкоски. Вечерта кулминираше со „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска – документарецот што ја носи приказната за земјоделецот Никола и повредениот штрк, а зад себе веќе има богата меѓународна трага: премиера во Венеција, наградата ФИПРЕСЦИ од Меѓународната филмска критика, Наградата на публиката на „Синема ај анорс“ и статус на македонски кандидат за „Оскар“. Неговото прикажување на Славија беше симболичен затворач – мала, лична приказна што станува универзална. На свеченото затворање беа доделени и наградите на деветтото издание.
Најдобар филм е „Брокен војсис“, во режија на Ондреј Провазник. Жирито го издвои филмот што никогаш не покажува повеќе отколку што мора, но и не ни дозволува да го тргнеме погледот – дело што чекор по чекор го гради и го прави видлив механизмот на малтретирањето. Наградата за најдобро актерско остварување „Стефан Сидовски-Сидо“, ја доби Катержина Фалброва за истиот филм, за суптилноста и тивката сила со која ја носи приказната за девојче исправено пред суров свет. Најдобар краток филм (официјална селекција) е „Он веари вингс гоу бај“ на Ану-Лаура Тутелберг, Естонија / Литванија. Најдобар студентски филм е „Тилтинг а виндмилс“ на Борјан Гаговски (Македонија). Специјално признание доби Лауро Крес за дебитантскиот „Импершнс оф д харт“. Специјално признание доби Флорентина Холцингер, протагонистка на „Мун“.
Со деветтото издание, „Бич филм фестивал“ уште еднаш потврди дека филмот на плажа не е само проекција туку и начин филмовите да се доживеат поинаку.