В НЕДЕЛА ВО СТРУГА – ПРАЗНИК НА СПОРТОТ НА ВОДА
- Среќни сме што фестивалот ги надмина локалните граници во сите посочени форми, што дополнително резултира да го пречекаме овој 2 Август со мал јубилеј, пет години спортски фестивал „Илинден“. Покрај веќе познатите натпреварувачки дисциплини за рекреативци во пливање, СУП-штици, кајак и во струшка такла, воведуваме две трки за иднината на овој фестивал, а тоа се децата, велат од Организацискиот одбор на овој спортски фестивал
Во Струга, на 2 август (недела), на големиот македонски празник Илинден, во 11 часот ќе почне петтото јубилејно издание на спортскиот фестивал „Илинден 2026“, во организација на спортско-рекреативниот клуб Соларис. В петок, во 12 часот, се затвора платформата за пријавување во четирите спортски дисциплини, а според последните информации од организаторот, има само уште неколку слободни места.
– Кога се востанови спортскиот фестивал „Илинден“, потајно се надевавме дека ќе трае низ годините. И тоа не само како лична волја на организаторите туку многу повеќе како волја на стружани да бидат дел од фестивалот во сите форми: како натпреварувачи, како публика, како волонтери. Среќни сме што фестивалот ги надмина локалните граници во сите посочени форми што дополнително резултира да го пречекаме овој 2 Август со мал јубилеј, пет години спортски фестивал „Илинден“. За таа цел, покрај веќе познатите натпреварувачки дисциплини за рекреативци во пливање, СУП-штици, кајак и во струшка такла, воведуваме две трки за иднината на овој фестивал, а тоа се децата. Детските трки ќе бидат сместени во пливање и веслање на ергометри. Тие трки ќе бидат едукација за другарство, соработка, меѓусебна поддршка и спортски ферплеј. Струшките ракотворци повторно ќе го збогатат фестивалот, а вкупната програмска содржина ќе биде проследена со пригоден музички настан. Останува да ги поканиме сите љубители на спортот да ја посетат Струга, да дојдат на кејот и по препораките на организаторот за лична грижа и грижа за сите во опкружувањето на фестивалот, да го прославиме достојно празникот Илинден – ни изјавија од Организацискиот одбор на спортскиот фестивал.
Натпреварите имаат свои пропозиции за учество, а тие се следни:
- Пливање: Трките ќе се одржат на 25 метри (ширина на реката Црн Дрим), во слободен стил, во машка и во женска конкуренција. Право на учество имаат сите полнолетни лица што не се во тренажен процес (неактивни натпреварувачи во пливање). Трките ќе се реализираат во групи од по четири натпреварувачи, а тие со најдобрите четири времиња одат во финале. Дозволен е еден предвремен старт по трка, а повторното предвремено стартување значи дисквалификација. Натпреварувачот што ќе ја напушти патеката или ќе попречи друг учесник, ќе биде дисквалификуван.
- Кајак: Трките ќе бидат во едносед на 100 метри, веслање низводно во машка и во женска конкуренција. Право на учество имаат сите полнолетни кајакари со и без искуство, кои не се во тренажен процес. Трките ќе се реализираат во групи со по четири натпреварувачи, а тие со најдобри четири времиња одат во финале. Ќе се користат стабилни кајаци, т.н. фалбути, и исти весла за сите. Кајакарите не смеат да користат свои кациги и весла. Учесникот што ќе падне од кајакот или ќе попречи друг натпреварувач во трката, ќе биде дисквалификуван.
- Веслање СУП-штици: Трките ќе се одржат на 100 метри, веслање низводно во машка и во женска конкуренција. Можат да настапат полнолетни лица со право да користат свои СУП-штици и весла. Трките ќе бидат во групи со по четворица, а најдобрите четворица одат во финале. Веслањето се реализира од исправена позиција (на стапала), а ако веслачот падне, има право повторно да се качи и да ја продолжи трката.
- Скок во вода – такла: Скокот такла ќе се реализира од чаршискиот мост. Можат да настапат сите полнолетни лица. Секој учесник има право на по еден обид. Најдобрите пет што ќе исфрлат најмногу вода во висина (вертикална проекција), се финалисти, каде што ќе имаат уште по еден дополнителен скок. Висината на исфрлената вода ќе се утврдува со специјална компјутерска програма. Организаторот има право да ја промени локацијата на скокот. Г.И.
































